Шахистите ремизираа со Канада, шахистките подобри од Данска

Македонската машка шаховска репрезентација (2.514 просечен рејтинг, рангирана 43-та), го забележа првото реми, по двата порази во низа на 43. Шаховска олимпијада (ШО), која се одржува во Батуми, Грузија во конкуренција на 185 селекции. Во 8-то коло тие одиграа 2-2 против Канада (2.575 просечен рејтинг, рангирана 28-ма).

Цел поен остварија ВМ Кирил Георгиев на првата и Владимир Георгиев на втората табла. Сепак, поразите на третата и четвртата табла на ИМ Филип Панчевски против искусниот ВМ Евгениј Бареев, односно на ВМ Трајко Недев, беа решавачки за конечниот исход. Најуспешен шахист кај Македонците, засега е Кирил Георгиев со пет поени од можни седум, а ИМ Никола Николовски има три од пет партии.

Женската шаховска репрезентација на Македонија пак, (2.039 просечен рејтинг, рангирани 58-ма), ја прокнижи својата четврта победа на ШО. Совладана е со 3-1 Данска (2.135 просечен рејтинг, рангирана 49-та). Никој не загуби од Македонките, ЖИМ Моника Стојковска и ЖИМ Габриела Коскоска победија на втората, односно третата табла, додека Бојана Бејатовиќ и Катерина Петровска ремизираа на првата, односно четвртата табла. Кај Македонките, засега најуспешна е Стојковска со пет поени од шест можни.

Посебен куриозитет е фактот што по 8-то коло (од предвидените 11), мажите и жените имаат индентични победи (четири), порази (три) и ремија (едно), како и број на бодови по кола (девет), со таа разлика што по табли, дамите имаат поен повеќе (19). Пред решавачките три кола за повисок пласман, мажите се на 58-то место, додека дамите напредуваа за 10 места и сега се 59-ти.

Утре, во 9-то коло, Македонците ќе играат против Мјанмар (рангиран 72-ри), а Македонките против Алжир (рангиран 67-ти). И двете македонски селекции се очекува да забележат победи и да го поправат сегашниот пласман.

Кај шахистите води САД со 15 бода, пред Полска со 14, а кај шахистките Кина и Украина со по 14 бода.

Моника Стојковска

 

КАНАДА – МАКЕДОНИЈА 2-2

ВМ Преоту (2.513) – ВМ К. Георгиев (2.590)  0-1  (76. потег)

ИМ Норитсун (2.282) – ВМ В. Георгиев (2.479)  0-1  (35)

ВМ Бареев (2.666) – ВМ Панчевски (2.489)  1-0  (29)

ВМ Намблтон (2.492) – ВМ Недев (2.496)  1-0  (42)

МАКЕДОНИЈА ДАНСКА 3-1

Бејатовиќ (2.057) – ЖФМ Гинду (2.157)  реми  (44)

ЖФМ Стојковска (2.106) – ЖФМ Васова (2.143)  1-0  (36)

ЖИМ Коскоска (2.026) – ЖИМ Кригер (2.137)  1-0  (44)

Петровска (1.966) – Нилсен (2.001)  реми  (41)

 

ПОЗНАЧАЈНИ РЕЗУЛТАТИ – МАЖИ

САД – Азербејџан 2,5-1,5

Ерменија – Полска 2-2

Чешка – Индија 1,5-2,5

Шпанија – Германија 1,5-2,5

Израел – Англија 1,5-2,5

Франција – Украина 2,5-1,5

Кина – Холандија 2,5-1.5

ПОЗНАЧАЈНИ РЕЗУЛТАТИ – ЖЕНИ

Украина – Ерменија 3-1

Кина – Романија 3,5-0,5

САД – Италија 3-1

Унгарија – Индија 3-1

Грузија (2) – Азербејџан 1,5-2,5

Грузија (1) – Казахстан 1-3

Холандија – Русија 0-4