Поранешниот рекет број 1 на светската ВТА листа, Марија Шарапова призна дека има недостиг на самодоверба. Шарапова претрпе 15-месечна казна за користење на „мелдониум“ и се врати на теренот кон крајот на април минатата година на турнирот во Штутгарт, но не можеше да се доближи до својата најдобра форма. Русинката е на 41-то место на светската ранг-листа, но е во серија од три последователни порази од третото коло на Австралија опен во јануари. 

Таа не играла од почетокот на март во Индијан Велс поради повреда на подлактицата. Петкратната Гренд слем шампионка се враќа на теренот оваа недела во Штутгарт, каде прво се сретнува со шестата тенисерка во светот, Каролин Гарсија (Франција). 

– Сега немам толку самодоверба во мојата сила како што некогаш сум била. Довербата е чудна работа, потребно е многу време да веруваш во својата сила, и тоа чувство може да се загуби многу брзо. Тоа не е случај само во тенисот, туку и во други сфери од животот, изјави Шарапова. 

Марија вели дека лани одиграла само неколку натпревари во кои работите се развивале добро за неа. 

Триесет и едно годишната Шарапова има 36 титули во 59 финалиња во кариерата, а откако се врати на теренот по отслужување на казната, освои само еден трофеј во октомври минатата година во кинескиот град Тјанжин.