Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонски знамиња, запалени факели и бројни љубители на спортот ја увеличија прославата во чест на успехот на Дејан Георгиевски одржана вечерва пред Градскиот трговски центар во Скопје, по повод освоениот сребрен медал на македонскиот таеквондист на Летните олимписки игри во Токио. Пред доаѓањето на сребрениот олимпиец на бината, музички настап имаше дуото ДНК, а потоа беше интонирана македонската химна. На крајот на присутните им се обратија Георгиевски, како и неговите тренери Дарко и Борче Костовски.

– Добровечер победничка Македонијо. Ве обожавам. Ви благодарам на поддршката. Но пред се, фала му на Господ бидејќи тој беше со нас и без него ова немаше да биде можно. Мојот тренер Дарко Костовски го трошеше последниот атом од силите за да ми ја даде енергијата што ми беше потребна во секоја борба. Другиот тренер д-р Борче Костовски е доктор за луѓе, но и за таеквондо. Тие се најголемите виновници за освоениот медал. Тој ја прави стратегијата што никогаш досега не ја промашил. Да се заблагодарам на моето семејство, мојот татко и мајка, на мојот брат и мојата сестра. Сигурен сум дека откако го скршивме мразот, на сите наредни олимписки игри ќе имаме уште повеќе претставници, не само во таеквондо, туку и во другите спортови. А и да се бориме за медал. Да им се заблагодарам и на моите клупски другари бидејќи тренираа двапати дневно со мене. Без нив ова немаше да биде возможно. Да сте живи и здрави и пак да ја израдуваме Македонија. Да живее Македонија – порача Георгиевски во неговиот емотивен говор.

Тренерот Борче Костовски истакна дека Македонија треба да го чува Дејан Георгиевски како капка вода на дланката бидејќи тој е светол пример.

– Ова е само почеток. Во Париз одиме по злато и по уште А-норми. Ако со некој го делев сонот, тоа е мојот брат, исто како и со овие луѓе. И денеска го живееме овој сон. Македонското време за таеквондо е сега. Чувајте го Дејан како капка вода на дланка затоа што тој е светол пример и покажува како треба. Затоа треба да се чува. Македонија вечна – истакна Борче Костовски.

Дарко Костовски, пак, ги претстави останатите македонски таеквондо надежи од кои се очекуваат успеси во иднина, меѓу кои се и сестрата и братот на Георгиевски, Ана Марија и Коки.

– Ние гласно и јасно ветивме медал. Верувавме во тоа. Ветивме златен медал, не го постигнавме тоа. Но тука ветуваме дека од Париз ќе донесеме најмалку еден златен медал. Дејан го крши мразот, но сакам да ве запознаам со неговата сестра Ана Марија Георгиевска која го има најдобриот јуниорски резултат во Македонија, трето место на Светско првенство. Неговио брат Коки Георгиевски е балкански шампион во таеквондо, исто како и Марко Стевиќ. А тука е и спаринг-партнерот на Дејан, Филип Додевски, кој поради повреда не патуваше во Токио, а и тој можеше да донесе медал – кажа Дарко Костовски.

По завршувањето на свеченоста Георгиевски остана да се фотографира со присутните обожаватели. Олимпискиот вицешампион претходно беше поздравен од љубителите на спортот и по пристигнувањето на скопскиот аеродром во попладневните часови, а имаше и прием во Агенцијата за млади и спорт.