На СП 1995 во Гетеборг, Едвардс прескокна 18,29 метри, постигнување што опстојува подолго од легендарниот светски рекорд во скок во далечина, 8,90 метри, на Американецот Боб Бимон поставен во 1968 година во Мексико

АТЛЕТИКА – ТРИСКОК

Џонатан Едвардс сè уште го немаше допрено песокот, но веќе знаеше. „Имаше момент во текот на фазата на чекори кога само требаше да ја ставам ногата и да отскокнам. Во тој миг знаев дека сѐ е добро“, изјави тој за „Би-би-си“, потсетувајќи се на рекордниот трискок (18,29 м) пред 25 години (на 7 август) на Светското првенство (СП) 1995 во атлетика во Гетеборг, Шведска.
Таа милисекунда на сигурност за која говори Британецот Едвардс сега се протегна во четврт век на надмоќ и на безуспешни обиди да се достигне.
– Сега кога гледам наназад на тоа ми изгледа нереално. Речиси како тоа да му се случило на некој друг – вели тој.
Светскиот рекорд на Едвардс опстојува подолго од легендарниот светски рекорд во скок во далечина, 8,90 метри, на Американецот Боб Бимон поставен на Летните олимписки игри (ЛОИ) 1968 година во Мексико, за да биде соборен од неговиот сонародник Мајк Пауел на СП 1991 во Токио (8,95 метри).

Но додека Бимон скокаше на поголема надморска височина и на разреден воздух во Мексико сити и не се надеваше на ништо позначајно, Едвардс пристигна во Шведска очекувајќи нешто посебно. Шест недели пред СП 1995, тој го шокира светот во Лил кога „прелета“ 18,43 метри, речиси половина метар повеќе од светскиот рекорд на Вили Бенкс, 17,97 метри. Но тој извонреден скок не беше признаен за светски рекорд, бидејќи ветерот дувал со брзина од 2,4 метри во секунда, малку над дозволената граница. Но тој скок го внесе Едвардс, чиј личен рекорд на почетокот од сезоната беше 17,44 метри, во различна лига.
– За едно попладне од скокач со 17,50 станав скокач од 18,50 метри. Се сеќавам кога се вратив и седнав меѓу конкурентите, тие ме гледаа со неверување – се сеќава тој.
До моментот кога пристигна во Гетеборг, Едвардс го по добри светскиот рекорд на Бенкс за еден сантиметар, на 17,98 метри. Следна голема цел беше скок над 18 метри. Тој го постигна тоа уште во првиот скок, забележувајќи должина од 18,16 метри. Светското злато беше освоено, светскиот рекорд подобрен и на Едвардс му остануваше само да се забавува.

– Обично откако ќе имав долг скок со кој веројатно победував на натпреварот, малку се опуштав, адреналинот се намалуваше. Но тогаш не се случи тоа.
Бев во брилијантна форма на Светското првенство, постоеја совршени услови и публиката ме бодреше. Чувствував дека таква шанса се добива само еднаш во животот и, кога ќе се погледнам наназад сега, никогаш не сум имал друг ден како што беше тој, атлетски. Ако го видите изгледот на моето лице пред вториот скок, има малку насмевка, си велам сам на себе: „Да видиме што можеш да направиш тука“ – истакнува Едвардс.
Има уште еден поглед на лицето кога се подига од песокот. Со рацете кренати нагоре, Едвардс погледнува и речиси во неверување ја затресува главата.
– Кога се приземјив, знаев дека тоа е уште еден светски рекорд. Едноставно беше така. Не требаше да мерат, не требаше да ја гледам репризата, знаев дека тоа е тоа – вели Едвардс.
Леснотијата со која Едвардс ги помести границите, дисциплината трискок ја стави во прв план. Прес-конференцијата на Едвардс привлече повеќе новинари отколку на Донован Бејли по освојувањето на златниот медал на 100 метри претходната вечер. 


Прв во светот, но не и во својот град!

Кога беа доделувани спортските награди тој беше прогласен за светски спортист на годината, во конкуренција на Етиопјанецот Хаиле Гебрселаси и на новокрунисаниот светски шампион во бокс во тешка категорија, Франк Бруно.
Најдобар спортист во светот, спортска личност на годинава во земјата, но не и во градот каде што живееше, Њукасл!
– Единственото признание што не го добив беше она на весникот „Ивнинг кроникл“, кој за најдобар спортист на Њукасл таа година го избра фудбалерот Лес Фердинанд. Тоа беа славни денови во времето на Кевин Киган и сè тука е на второ место, зад фудбалот – се смее Едвардс. 


Конкурентите се приближуваат

Во следните сезони Едвардс беше посилен и побрз, но не можеше да го соедини тоа со техниката за да ја забележи слични скокови. Сегашната генерација трискокаши му се приближија. Личниот рекорд на актуелниот светски и олимписки шампион, Американецот Кристијан Тејлор (30), е 18,21 метри. Сонародникот на Тејлор, Вил Клеј (29), лани прескокна 18,14 метри. Кубанецот со португалски пасош, Педро Пабло Пикардо, е петти на списокот на сите времиња (18,08 метри) и најмладиот од триото, на 27 години.
– Којзнае? – одговара Едвардс на прашањето дали неговиот рекорд е во сериозна опасност. Тројцата се добри, можеби меѓусебната конкуренцијата би можела да ги натера на такво нешто. Но убаво е што ми дадоа 25 години! Тоа е убава бројка. Мислам дека сега можам и да си дозволам да останам без рекордот – вели Едвардс.