Ватерполо репрезентацијата на Хрватска го освои бронзениот медал на Светското првенство во Јужна Кореја. Во реприза на финалето од пред две години во Будимпешта Хрватска ја победи Унгарија со 10:7 (2:1, 2:2, 2:2, 4:2).

Мечот за бронзениот медал го обележаа голманите Бијач и Наѓ. Хрватскиот голман имаше 11, а унгарскиот 10 одбрани. Во ситуација кога блескаа голманите разликата во базенот ја направи Маро Јоковиќ кој одигра еден од најдобрите натпревари во кариерата.

Јоковиќ постигна шест од десетте гола на Хрватска.

Хрватите мечот го решија на пет минути до крајот кога прв пат стекнаа предност од три гола (8:5). Унгарците возвратија со два гола, меѓутоа Јоковиќ и Бениќ во наредните два напади ја вратија разликата на три гола и го поставија конечниот резултат.

Ова е седмо планетарно првенсто во низа на кое Хрватска освојува медал.