Хоу де­нес игра са­мо на ма­шки­ тур­ни­ри

Наставното и шаховското искуство имаат нешто заедничко. Ќе се потрудам да изградам комплетен систем на шаховско образование за време на мојот процес на предавање, вели Хоу, најмладиот женски велемајстор во историјата

Четирикратната светска првенка во шах (2010, 2011, 2013, 2016), Кинезинката Јифан Хоу, додаде уште една престижна титула во својата биографија. Неодамна таа стана најмладата професорка на кинескиот Универзитет во Сенжен. Веста беше соопштена од кинеските медиуми, а ја потврди и Хоу за „Чес.ком“.
Хоу го стекна звањето професорка за физичко образование на Педагошкиот факултет на Универзитетот во Сенжен на 26 години и е најмладата личност што воопшто некогаш стекнала титула на универзитетот. Сенжен има силна шаховска култура, а во последните три години градот беше домаќин на најсилните кинески шахисти.
Со Хоу меѓу вработените, Универзитетот во Сенжен ги зајакна своите можности за образование на студентите со силен шаховски талент. Таа изрази надеж дека нејзиното присуство ќе стори повеќе од тоа, односно дека шахот нема да биде само предмет, туку алатка за промовирање на комбинација на спортот и образованието, истражување на неговата улогата во образованието и на неговите скриени вредности.
– Да се oбучуваат шахисти на високо ниво и да им се помогне да ја продолжат својата шаховска кариера што е можно повеќе, е само еден аспект.

Од церемонијата на доделувањето на професорската диплома

Сепак, бројот на професионални шахисти е многу мал, затоа се надевам дека ќе ги подобриме сеопфатните способности на учениците и креативното размислување преку шахот. Во исто време шахот ќе се популаризира во и надвор од училиштето, проширувајќи го неговото влијание во корист на повеќе млади луѓе надвор од училиштето – нагласи Хоу, некогашното шаховско чудо, која се смета за втор најсилен женски шахист во историјата по Унгарката Јудит Полгар.
Шахот, сепак, никогаш не беше целосна преокупација за Кинезинка, која е најмладата шахистка во историјата со титулата велемајстор (ВМ), ја освои на 14 години и 184 дена (2008), додека Полгар стана ВМ на 15 години, 4 месеци и 28 дена. Во 2012 година Хоу одлучи да студира на Универзитетот во Пекинг, а шест години подоцна, откако доби стипендија и на Универзитетот во Оксфорд.

– Наставното и шаховското искуство имаат нешто заедничко. Надвор од играта често размислувам за прашања поврзани со шахот, а исто така се консултирам и со моите шаховски пријатели низ целиот свет. Ќе се потрудам да изградам комплетен систем на шаховско образование за време на мојот процес на предавање – рече Хоу, која на 16 години (2010) стана најмладата светска шампионка во шах, а само трета жена што некогаш се пробила помеѓу 100-те шахисти на листата на ФИДЕ и која денес игра само на машките турнири.