На три трки до крајот на сезоната во Формула 1, британскиот возач Луис Хамилтон може да изедначи или да собори уште три рекорди на легендарниот возач, Германецот Михаел Шумахер. Хамилтон сезонава ја освои седмата титула во Ф1-шампионатот, колку што има и Шумахер, и го собори рекордот на Шумахер за најмногу победи во кариерата.
Со 10 победи на 14 трки сезонава, Хамилтон стигна до бројката од 94 победи во кариерата (Шумахер има 91). Со победата на трката во Унгарија стигна до осмата победа на таа патека, со што го изедначи рекордот на Шумахер за најмногу победи на една трка (Шумахер го оствари тоа на трките во Франција). Кога е во прашање Формула 1, постојат уште голем број рекорди што ги држи Германецот, а до крајот на сезоната Хамилтон би можел да ги собори или изедначи рекордите по бројот на победи во една сезона, најмногу подиуми со еден тим и вкупно водство по кругови.
Најуспешната сезона на Шумахер беше во 2004 година, кога победи на 13 од 18 трки. Овој рекорд го изедначи Себастијан Фетел во 2013 година, победувајќи на 13 од 19 трки, а ако победи во преостанатите три трки до крајот на сезоната, Хамилтон би можел да стигне до 13 победи од 17 трки. Личниот рекорд на Хамилтон по бројот на победи во една сезона е 11, што досега го има повторено трипати, и тоа на 19 трки во 2014-та, на 21 трка во 2018-та и на 21 трка во 2019 година.

Откако го собори рекордот на Шумахер со најмногу победи со еден тим, Хамилтон може да го собори и рекордот на Шумахер за најмногу подиуми (пласман на едно од првите три места) за еден конструктор. Рекордот на Шумахер е 116 подиуми за Ферари, од неговите вкупно 155, а Хамилтон зад себе има 114 подиуми за Мерцедес од вкупно 163.
На трката во Турција, Хамилтон беше прв во 22 круга, со што во оваа категорија има 5.043 круга во водство во кариерата досега. Рекордот на Шумахер е 5.111, па на Британецот му се потребни 68 круга во водство во преостанатите три трки за да го изедначи рекордот.
Последните три трки сезонава во Формула 1 е предвидено да се одржат во следните три викенди, трката во Бахреин е на програмата в недела, на истата патека ќе се вози и на 6 декември, а последната трка сезонава е во Абу Даби на 13 декември.