Британецот Луис Хамилтон, актуелниот светски првак во Формула 1, е најдобриот спортист на Европа за 2019 година, во 62-от избор на европските национални новински агенции (вкупно 26). Шесткратниот светски првак доби 151 бод и славеше пред шпанскиот тенисер Рафаел Надал (140 бода) и австрискиот скијач Марсел Хиршер (76 бода).

На Хамилтон ова му е третпат како триумфира во овој престижен избор, кој го организира Полската новинската агенција (ПАП). Интересен е фактот што во првите 10 има само еден фудбалер. Минатата година за спортист на Европа беше избран тенисерот Новак Ѓоковиќ (Србија).

Најдобри 10 за годинава: Луис Хамилтон (Ф1, 151 бод), Рафаел Надал (тенис, 140), Марсел Хиршер (скијање, 76), Новак Ѓоковиќ (тенис, 71), Сифан Хасан (атлетика, 69), Вирџил Ван Дајк (фудбал, 61), Карстен Вархолм (атлетика, 47), Марк Маркез (мотоциклизам, 47), Јанис Адетокумбо (кошарка, 46), Јохан Тингнес (биатлон, 44).