Сѐ на сѐ, статистиките имаат една јасна и очигледна порака, а тоа е дека Хамилтон и Шумахер се најдобрите возачи на нивните епохи и дека се двајца од најголемите на сите времиња, пишува „Би-би-си“

Луис Хамилтон го надмина Михаел Шумахер во еден од двата големи рекорди на Формула 1 на сите времиња и може наскоро барем да се изедначи со друг рекорд, што би го направил најуспешен возач на сите времиња, пишува „Би-би-си“. Победата на Хамилтон на трката во Португалија во неделата беше 92. во неговата кариера, со што го надмина рекордот на Шумахер од 91 триумф во Формула 1.
Британецот Хамилтон сезонава е во трка по својата седма титула во Ф1, колку што има и Шумахер. Гледајќи низ овие споредби помеѓу статистичките достигнувања на двајцата возачи, првиот впечаток е колку бројките се слични во многу аспекти. Но постојат и важни разлики, пишува „Би-би-си“. Надвор од блиските бројки за титулите и за победите, нивните пласмани на подиумот се, исто така, неверојатно слични (161-155 за Хамилтон). Но да ги погледнеме тие разлики. Прво, пол-позициите (старт на трка од првото место). Хамилтон има речиси 50 отсто повеќе од Шумахер (97-68) во кариерата, која е и значително пократка, што е одраз на тоа дека не е само најбрз од неговата генерација, туку можеби и на сите времиња.

Бројот на стартови од првиот ред ја кажува истата приказна. Хамилтон има и повеќе победи од пол-позициите, вкупно 56 во споредба со 40 на Шумахер. Германецот, пак, има повеќе победи од втората и двојно повеќе од третата стартна позиција. Но овие бројки се можеби повеќе одраз на различните епохи во кои тие возеле, пишува „Би-би-си“. Сѐ на сѐ, статистиките имаат една јасна и очигледна порака, а тоа е дека ова се најдобрите возачи на нивните епохи и дека се двајца од најголемите на сите времиња, пишува, меѓу другото, „Би-би-си“.
Следната трка сезонава на програмата е в недела, на патеката „Имола“ во Италија. Генерални пласман на возачи по 12 трки: Луис Хамилтон 230 бода, Валтери Ботас 161, Макс Ферстапен 147, Даниел Рикардо 78, Серхио Перез 68 итн.