Хало-системот е доволно силен за да ја издржи тежината на два африкански слона и доволно цврст за да одбие удар со брзина од 225 км на час

ФОРМУЛА 1

Безбедносниот систем хало ми го спаси животот во несреќа. Се чувствувам многу среќно и многу сум благодарен, рече светскиот првак Луис Хамилтон (36), по завршувањето на трката за големата награда на Италија.
Хало-системот (заоблен, засилен дел пред главата на возачот) е доволно силен за да ја издржи тежината на два африкански слона и доволно цврст за да одбие удар со брзина од 225 км на час.
А сѐ почнува со користење титаниум. Уредот е направен од титаниум што широко се користи во воздухопловната индустрија и е познат по својата висока јачина и цврстина во споредба со релативно малата тежина.

Пред работата со титаниумот, тој мора термички да биде обработен, потоа треба машински да се избушат цевките, кои подоцна ќе бидат заварени. Хало е изграден од пет различни дела. Полупрстенот на врвот е направен од две четвртини од кругот. Тука се двете крајни парчиња што се прикачуваат на задниот дел на автомобилот и централниот столб пред возачот. Процесот на заварување се изведува во затворена комора за да се спречи мешање на надворешни предмети со материјалот.
Целиот уред потоа се подложува на дополнителна термичка обработка за дополнително зајакнување пред да биде испратен на тестирање. Секој уред е геометриски проверен, се проверува тежината и се подложува на недеструктивни тестирања. Откако ќе заврши, Хало рачно се чисти за да создаде абразивна површина што им олеснува на тимовите да прикачат какви било аеродинамични делови, пишува Светската автомобилска федерација (ФИА).
Сите овие чекори се од суштинско значење за производство на таков уред со високи перформанси. Хало мора да издржи 125 килоњутни (кН) сила (еквивалентно на 12 тони тежина) пет секунди одозгора без дефект на кој било дел. Исто така, мора да издржи сили од 125 кН од страна. Несомнено тој е сега најсилниот елемент на болидот во Формула 1.