Симона Халеп експресно ја победи Серена Вилијамс со 6:2/6:2 во уште едно еднострано женско финале на Вимблдон, за да ја освои својата втора гренд слем титула по трофејот од Ролан Гарос минатата година и да фрли сомнеж на способноста на Американката да стигне до рекордната 24. гренд слем титула.

Романката покажа фантастична игра, како на целиот турнир, за да победи за само 57 минути игра на „Централниот сет“. Халеп имаше речиси совршен прв сет, освојувајќи го со 6:2 за само 26 минути, а и покрај кревањето на нивото на игра на Вилијамс во вториот сет, Халеп направи уште два брејка за лесно да се закити со славниот трофеј.

-Ова беше најдобриот меч! Работев напорно за овој момент и чест е да се игра на овој терен. Бев многу нервозна, пред мечот ми се вртеше во стомакот, но излегов и го дадов најдоброто. Никогаш нема да го заборавам овој ден. Ова беше сон на мојата мајка, бидејќи кога имав 10 или 12 години, таа ми кажуваше – еден ден ќе играш во финалето на Вимблдон, изјави насмеаната Романка.

За Серена, пак, ова е трет пораз во гренд слем финалиња во низа откако стана мајка пред две години и тоа три порази без освоен сет (3:6/3:6, 4:6/2:6 и 2:6/2:6).

Халеп е првата Романка со гренд слем титула од Вимблдон, откако Илие Настасе загуби во епското финале во 1972 година од Стен Смит. По долги години чекање за голема титула, Романката дефинитивно покажа дека не е „чудо од еден гренд слем“ и сега ќе биде фаворитка на секој гренд слем во кој ќе настапува.