Американскиот велемајстор (ВМ) и претендент за титулата светски првак Фабијано Каруана (2.822 рејтинг-поени, втор во светот), триумфираше на силниот, шести по ред, шаховски турнир кој се одигра во норвешкиот град Ставангер, освојувајќи ја наградата од 75.000 евра.

По осум одигрни кола, тој освои пет поени (три победи, четири ремија и еден пораз од Крлсен), втор заврши актуелниот светски првак, Норвежанецот Мгнус Карлсен (2.843) со 4,5 поени (две победи, пет ремија и еден пораз од Со), колку што имаа и Американецот Хикару Накамура (2.769) и поранешниот светски првак, Индиецот Вишванатан Ананд (2.760), но со послаби дополнителен критериуми од Карлсен.

– Воодушевен сум, бидејќи првпат победив тука иако сум играл повеќе пати. Мислам дека е голема работа, која пак, не се случува често, да победиш на турнир со сите најдобри играчи во светот. Но, сепак не беше се` безпрекорно. Одиграв многу добро против Карјакин и Ананд, имав голема среќа против Со и еден непријатен момент против Карлсен – не го криеше задоволството Каруана по триумфот.

Малку кој веруваше дека Каруана ќе триумфира, откако уште во 1-то коло загуби од Карлсен, кој пак, по 3-то коло имаше 2,5 поени. Но, со фуриозен финиш и победите над Ананд и, со доза на среќа над Американецот Весли Со (кој пак, во потег можеше да ремизира), Каруана со борбен стил стигна до посакуваната цел, додека Карлсен подзастана по поразот од Со (6-то коло) и неочекивното брзо реми (17 потези), во последното коло со Французинот Максим Вашер-Легрев.

– Не сум воодушевен од исходот во последното коло, но не можев да го избегнам повторувањето на потезите, а притоа да не ризикувам – прокоментира Карлсен по завршувњето на последната партија.

Ова беше третиот топ-турнир што го освои Каруана годинава, по Турнирот на кандидатите и Гренке, додека Карлсен победи на два турнира годинава, Вајк ан Зе и Шамкир.
Нивниот меѓусебен скор сега изнесува 10 победи за Карлсен, шест за Каруана со 17 ремија. Дали по ова, уште некој се сомнева, дека Каруана ќе биде достоен предизвикувач на Карлсен во ноември во Лондон за светската титула?

Во Ставангер најмногу победи оствари Каруана (3), најмногу порази (2), претрпеа Вашер-Легрев и Русинот Сергеј Карјакин, најмногу ремија (7) и единствем без пораз беше Накамура, без победа остана Вашер-Легрев. Кинезот Лирен Динг, поради скршен колк, заработен по падот од велосипед на првиот слободен ден, го напушти турнирот по 3-то коло.

ТАБЕЛА
Каруана 5, Карлсен 4.5, Накамура 4,5, Ананд 4,5, Со 4, Аронијан 4, Мамеѓаров 3,5, Вашер-Легрев 3, Карјакин 3 поени.