Томас ќе го предводи Инеос на годинашниот Џиро, а Фрум на Вуелта, што би можело да биде неговата проштална трка за Инеос

Крис Фрум и Герент Томас, победниците во 2017 и 2018 година, нема да настапат на годинашниот Тур де Франс (29 август – 20 септември), откако беа изоставени од тимот на Инеос. Лидер на тимот на Инеос годинава ќе биде ланскиот победник, Колумбиецот Еган Бернал (23), кому ќе му помага Еквадорецот Ричард Карапаз (27), победникот на Џиро Д’Италија лани, кој дојде од тимот на Мувистар, објави Би-би-си.
Политиката на Инеос е дека најдобриот велосипедист во последната недела пред која било грантур-трка ќе биде поддржан од целиот тим, а тоа во случајов беше Бернал. Томас ќе го предводи Инеос на годинашниот Џиро (3-25 октомври), а Фрум на Вуелта (20 октомври – 8 ноември), што би можело да биде неговата проштална трка за тимот пред заминувањето во Израел Старт-ап нејшн во 2021 година.

Победникот на седум грантур-трки (четири на Тур, две на Вуелта и една на Џиро), Фрум (35), не е во врвна форма по тешките повреди од пред една година, а слично е и со Томас, по што шефот на тимот, Дејв Брејлсфорд, се фокусира на Бернал и на Карапаз.
– На Крис ќе му треба подолго време за повторно да биде на највисоко ниво. Крис е вистински шампион, кој покажа неверојатна решеност да се врати по незгодата. Ние сакаме да го поддржиме да вози и да освои уште една грантур-титула на Вуелта, за што ќе има дополнително време за подготовки – изјави Брејлсфорд.