За да спречи повторување на настаните што се случија за време на трката за големата награда на Белгија во неделата, Формула 1 ќе направи промени во правилата, рече претседателот на управното тело на Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) Жан Тод, а пренесе „Би-би-си“.

Според Тод, за ова прашање ќе се дискутира на 5 октомври, на состанокот на комисијата на Формула 1, кога одново ќе бидат разгледани правилата за да се види „што може да се научи и да се подобри“. Комисијата на Формула 1 е составена од група високи личности што одлучуваат и гласаат за промени во правилата пред тие да бидат официјализирани од Светскиот совет на ФИА.

Викендов силниот дожд спречи какви било натпреварувачки активности за време на трката на патеката Спа-Франкоршамп. Настанот доцнеше три и пол часа, додека ФИА се обидуваше да најде решение по кое трката би се одржала, но слабата видливост создаде премногу опасни околности за да се пуштат болидите на патеката. Според актуелните правила на Формула 1, два тркачки круга се минимум за да се доделат поени. Па, така, по трите извозени круга, Макс Ферстапен, кој ја имаше пол-позицијата, беше прогласен за победник.

Извршниот директор на Мекларен рејсинг, Зак Браун, повика на промена на правилата што регулираат ваков тип ситуации, а од Алфа Ромео рекоа дека настанот требало да се прекине без да се официјализира резултатот од трката, пишува „Би-би-си“.