Мечот за европската титула треба да се игра во Стокхолм, во арената „Теле2“, дом на шведските фудбалски клубови Хамарби и Ѓургарден, со капацитет и до 30.000 за спортски натпревари. Арената, која има и подвижен покрив, во 2014-та е прогласена за арена на годината, со што застана на исто ниво како „Медисон сквер гарден“ во Њујорк и стадионот „Вембли“ во Лондон

Европското првенство (ЕП) во ракомет за мажи од идниот петок до 26 јануари ќе биде прво според неколку елементи, како, на пример, прво со 24 репрезентации, прво со три земји-домаќини, но ќе биде и необично затоа што финалето ќе се игра на фудбалски стадион. Мечот за европската титула е закажан да се игра во Стокхолм (Шведска), во арената „Теле2“, која е дом на фудбалските клубови Хамарби и Ѓургарден и има капацитет и до 30.000 за спортски натпревари.

Според информациите на официјалната интернет-страница на ЕП 2020, арената, која има подвижен покрив и која е отворена во 2013 година, во 2014-та е прогласена за арена на годината, со што застана на исто ниво како арената „Медисон сквер гарден“ во Њујорк и стадионот „Вембли“ во Лондон. „Теле2“, која ги исполнува сите стандарди на УЕФА и на ФИФА за меѓународни фудбалски мечеви, а во неа се одржани и голем број концерти на музички ѕвезди, зашто може да прими и до 40.000 гледачи.

Досега за европската круна на ЕП се натпреваруваа по 16 репрезентации. Сега ќе има осум повеќе, а мечевите, покрај во Шведска (Стокхолм, Малме и Гетеборг), треба да се играат и во Австрија (Виена и Грац) и во Норвешка (Трондхајм). Првпат Европската ракометна федерација (ЕХФ) за ЕП одреди да се игра завршен викенд и тоа првпат на фудбалски стадион, пишува ЕХФ. Така, на арената во Стокхолм на 24 јануари се полуфиналињата, следниот ден е мечот за бронзениот, а на 26 јануари е и дуелот за златниот медал.

Репрезентацијата на Македонија, која е во групата Б, чии мечеви ќе се играат во Виена (Австрија), од денеска ги игра завршните тест-мечеви пред настапот на континенталното првенство. Црвено-жолтите се на подготовки во Словенија, каде што за денеска е закажан мечот со Словенија, а в недела е дуелот со Црна Гора. Првата средба на континенталното првенство за Македонија е на 10 јануари, со Украина, два дена подоцна е дуелот со Чешка, а на 14 јануари е и средбата со Австрија.
По две најдобри селекции од секоја од шесте групи ќе се пласираат во следната групна фаза. Така, првопласираните две селекции од групата Б во вториот круг ќе играат со најдобрите од групата А (Хрватска, Белорусија, Црна Гора, Србија) и од Ц (Шпанија, Германија, Летонија, Холандија).