ФИА презема сериозни чекори за да го намали влијанието на штетните гасови од нашите активности во животната средина и да придонесе за позелена планета. Со развојот на биогоривото направено од биоотпад, правиме нов чекор напред во тој правец, изјави претседателот на ФИА, Жан Тод

Светската автомобилска федерација (ФИА) ги достави првите буриња еколошко биогориво за автомобили до тимовите што произведуваат мотори за болидите во Формула 1, наменети за тестирање.
Биогоривата направени исклучиво од биолошки отпад ќе се применуваат од следната сезона, кога од тимовите ќе се бара да користат најмалку 10 проценти биогорива.
– ФИА презема сериозни чекори за да го намали влијанието на штетните гасови од нашите активности во животната средина и да придонесе за позелена планета. Со развојот на биогоривото направено од биоотпад правиме нов чекор напред во тој правец – изјави претседателот на ФИА, Жан Тод, пренесе интернет-страницата на Ф1.
Пред повеќе од една година ФИА донесе долгорочна стратегија според која Формула 1, како најпознато автомобилско натпреварување во светот, треба да стане лидер во одржливоста на животната средина. Овој амбициозен план вели дека во текот на следната деценија, најдоцна до 2030 година, големата еколошка иницијатива би вклучувала болиди од Формула 1 и активности на самата тркачка патека, како и сите други тимски операции како што се транспорт и развој на технологија.
Ф1 треба да стане јаглерод неутрална веќе во следната сезона, а до 2030 година да работи со нула нето-емисии.
Првиот чекор во таа насока беше направен кога ФИА ги достави првите буриња еколошко биогориво до тимовите што произведуваат мотори за болидите во Формула 1. Ова гориво е развиено по барање од ФИА и е во согласност со нивните строги регулативи за 100 проценти одржливост. Биогоривото ќе биде достапно и во другите класи на трки што се под капата на ФИА.