Унгарецот Милак, кој е првиот тинејџер светски првак, по Фелпс во 2003-та, тогаш на 18 години, го собори 10 години стариот светски рекорд на славниот американски пливач на 200 метри пеперутка. Фелпс, освојувач на рекордни 28 олимписки медали, сега е сопственик на уште два светски рекорда

Криштоф Милак, младиот 19-годишен Унгарец, е новиот светски рекордер на 200 метри пеперутка со време 1:50,73 минути. На Светското првенство (СП) во Јужна Кореја тој го собори 10 години стариот рекорд на Американецот Мајкл Фелпс (1:51,51) забележан на СП во Рим на кое пливач(к)ите последен пат пливаа во полиуретански високотехнолошки костими, кои придонесоа за постигнување значително побрзи времиња поради што првенството беше наречено и „пластично“.
– Прекрасно е чувството да се собори светски рекорд на голем пливач како што е Фелпс. Кога го видов времето како целиот притисок да го снема и дојде големата радост – изјави Милак, кој е првиот тинејџер светски првак по Фелпс во 2003-та, тогаш на 18 години.

Фелпс првпат го собори светскиот рекорд на 200 метри пеперутка во 2001-та, на 15-годишна возраст (1:54,92 минути) и стана најмладиот светски рекордер. Таа низа од 18 години е најдолга за еден машки пливач-рекордер во историјата на пливањето, според олимписките историчари, Бил Малон и Хилари Еванс.
– Колку што сум фрустриран поради соборувањето на рекордот, уште посреќен сум од начинот како го стори тоа. Последните 100 метри на тоа дете беа неверојатни. Тој одлично ги исплива 200-те метра од почетокот до крајот – изјави Фелпс по гледањето на трката преку интернет.

Милак до 14-та година пливаше грбно, по што ѝ се посвети на дисциплината пеперутка, но беше фокусиран на пократката делница, на 100 метри заради немање доволно сила. Но во 2018 година исплива личен рекорд од 200 метри (1:52,71), шесто најбрзо време во историјата, зад четирите на Фелпс и едно на сонародникот Ласло Чех.
Фелпс освои осум златни медали на ЛОИ и на СП на 200 метри пеперутка. Тој исплива вкупно 39 светски рекорди и се пензионира по рекордните 28 олимписки медали, комплетирани на Игрите во Рио во 2016 година, а уште е светски рекордер на 100 метри пеперутка и на 400 метри мешано.