Роже Федерер изјави дека е подготвен за уште една успешна сезона во тенисот, која започнува со „Австралија Опен“, каде што Швајцарецот ќе ја брани својата титула. Федерер, кој се наоѓа на третата позиција на АТП-листата, се надева на трета титула по ред во Мелбурн, откако триумфираше во 2017 и во 2018 година.

Двата успеси дојдоа по учество во мешани двојки на „Хопман Купот“ во Перт, каде тој ги почнува подготовките за новата сезона, претставувајќи ја Швајцарија во тимскиот турнир.

Триумфот на „Австралија Опен 2017“ беше првата гранслем-титула за Федерер од 2012 година, а многумина не го вклучија во сметките за триумф. На 37-годишна возраст и со 20 титули од „големата четворка“, тој се наврати на последните две сезони, во кои додаде и осма титула од „Вимблдон“. Швајцарецот е потполно свесен дека е миленик на публиката во Мелбурн, но и дека одбраната на титулата ќе биде огромен предизвик.

– Верувам дека со моите години секој успех ќе биде исклучителен во очите на луѓето. Ако ова не се случи, тоа ќе биде логично, бидејќи не можете да бидете на врвот на своите можности секоја година. Исто така, ви треба одредена доза на среќа при ждребот. Многу работи мора да се случат за да освоиш гранслем-турнир. Се надевам дека ова е почеток на една одлична сезона, бидејќи последните две беа навистина одлични – изјави Федерер.

Тој, исто така, сподели дека неговите подготовки за „Австралија“ опен минале успешно.

– Многу сум задоволен од подготовките пред Мелбурн. Последните три или четири недели беа многу интензивни. Јас сум мотивиран и со нетрпение го очекувам почетокот на новата сезона – рече тој.

Федерер ја отвора својата кампања во „Хопман купот“ со меч против Обединетото Кралство на 30-ти декември. На Нова Година тој ќе игра заедно со Белинда Бенчиќ, откако актуелните шампиони ќе се соочат против претставниците на САД – Френсис Тиафо и Серена Вилијамс. Мешаните двојки ќе исправат еден против друг двајца од најтрофејните тенисери на сите времиња – Федерер и Вилијамс, кои имаат вкупно 43 гранслем-титули. Швајцарецот, исто така, го прокоментира претстојниот судир со Американката.

– Нема да оддадеме големо значење на овој дуел, тоа е само еден тениски меч, но се случува еднаш и најверојатно двете страни ќе се силно мотивирани за успех. Затоа се надевам дека и двајцата ќе бидеме физички здрави кога ќе дојде овој ден, заклучи Федерер.