На турнирот во Катар ќе настапат и Рублев, Тим, Баутиста Агут, Шаповалов, Гофин, Вавринка…

ТЕНИС

Роже Федерер по 13-месечна пауза ќе се врати на терените на АТП-турнејата на тенискиот турнир во Катар, на кој швајцарската суперѕвезда трипати го освојувал победничкиот пехар и е рекордер според бројот на титули во поединечна конкуренција. Тој е рекордер и според бројот на добиени мечеви на турнирот во Доха, 26 вкупно, а загубил само три меча.
Федерер првпат по 2012 година ќе игра на турнирот во Доха на кој беше шампион во 2005, во 2006 и во 2011 година и ќе ја има улогата на втор носител. Швајцарецот е надвор од тениските натпреварувања од 30 јануари лани, односно по полуфиналниот дуел со Новак Ѓоковиќ на Австралија опен, по кој Федерер замина на две операции на десното колено.
На турнирот во Катар од АТП-серијата 250, кој почнува денеска, ќе бидат и бранителот на титулата Русинот Андреј Рублев, кој ја има улогата на трет носител, а прв носител е светскиот рекет број четири, Австриецот Доминик Тим. Тука се и Шпанецот Роберто Баутиста Агут, кој беше победник во 2019 година, Канаѓанецот Денис Шаповалов, Белгиецот Давид Гофин, кој ја освои својата петта АТП-титула на неодамнешниот турнир во Монпелје, и поранешниот светски рекет број три, Швајцарецот Станислас Вавринка.