Роже Федерер (37) е мотивиран и насочен кон деветтата титула на „Вимблдон“. Ова го изјави носителот на 20 гранслем-титули на официјалното претставување на третото издание на „Лејвер Купот“ во Женева. Славниот тенисер учествуваше на „Австралија опен“, каде не успеа да ја одбрани титулата од последните две изданија на турнирот и ипадна во осминафиналето од грчкиот талент Стефанос Циципас, во четири сета.

Швајцарскиот маестро меѓутоа, категорично ги негираше гласините дека ова е крајот на неговата кариера и ги објави своите цели до крајот на сезоната.

– „Вимблдон“ е мојата најголема цел, како и турнирите во Дубаи, Индијан Велс и Мајами пред тоа. Навистина би сакал да ја започнам силно новата сезона, тоа ќе ми помогне пред кампањата на земја. Се разбира, освен „Вимблдон“, ќе целам на максимално добри настапи и на „САД опен“, „Лејвер Купот“ и завршниот „Мастерс“ на осумте најдобри во Лондон – вели Федерер.

Ѕвездата на светскиот тенис изјави дека ништо за него не се променило по поразот од Циципас и тој продолжува да бара победи над најголемите ривали во текот на годините – Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ.

– Кариерата ми продолжува… Мотивиран сум, се чувствувам добро и гледам напред кон иднината. Главната цел е да одржувам ниво на игра, што ќе ми помогне да се борам против Рафа и Новак и додека тоа е можно, ќе продолжам да се борам за титули – додаде тој.

Ѓоковиќ, кој го надигра Надал во финалето во Мелбурн, е на врвот на светската листа пред Шпанецот, додека Федерер падна до шестата позиција во рангирањето.

– За мене, првото место на 37-годишна возраст не е главен приоритет – рече Швајцарецот.

На третото издание на „Лејвер Купот“, што ќе се одржи помеѓу 20-22 септември, Бјорн Борг е капитен на тимот на Европа, додека Џон Мекинро го води тимот на САД. Федерер се надева дека неговиот сонародник Стен Вавринка ќе учествува во турнирот.

– Ние заедно ја освоивме олимписката титула во 2008 во Пекинг. Со малку среќа, ние повторно може да играме заедно во Женева – заврши Федерер.