Коко Гоф

Ова е најрана елиминација на Вилијамс на Австралија опен по 2006 година. А 15-годишната Гоф, за само 67 минути игра ја победи ланската шампионка во Мелбурн, Осака

Сонот на седумкратната тениска шампионка на Австралија опен, Американката Серена Вилијамс (38) за освојување на 24-та гранслем-титула и за израмнување со Австралијката Маргарет Корт останува да се оствари на некој следен турнир. Во 3-то коло таа е елиминирана од Ванг Кианг (28) од Кина со 4-6, 7-5 и 5-7. Со тоа Ванг ѝ се реваншира на Вилијамс за убедливиот пораз во четврт-финалето на САД опен во Њујорк, во кој освои само еден гем, 1-6, 0-6.

Поразот во третата рунда е најрана елиминација на Вилијамс на Австралија опен од 2006 година, кога одбраната на титулата ја прекина Даниела Хантукова од Словачка, исто така, во третото коло. По неочекуваниот пораз, Вилијамс рече дека уште верува оти може да го израмни рекордот на Корт.

– Верувам во тоа инаку не би била на турнирите. Не играм тенис само за да се забавувам. Да се загуби навистина не е забавно, да играте и да бидете поразени. Ме очекуваат други гранслем-турнири на кои неколкупати имам победувано. Секој од нив е можност да играм и да победам. Но не станува збор само за триумфите, потребно е да играм добар тенис, што не го сторив, тоа е поразочарувачко за мене. Не станува збор дури ниту само за победа, туку за тоа дека можам многу подобро – изјави Вилијамс, додавајќи дека во моментов не гледа причина зашто не би играла во Мелбурн и следната година.

За второто големо изненадување во третата рунда се погрижи младата, 15- годишна Американка, Коко Гоф, која ја елиминира бранителката на титулата, Јапонката Наоми Осака со 6-3 6-4 за само 67 минути игра.

– Пред две години го загубив првиот меч во јуниорска конкуренција, а сега сум во 4-то коло. Јас сум на арената „Род Лејвер“, не можам да верувам.
Ова е лудо – изјави Гоф додавајќи дека била пресрамежлива за да поразговара со Лејвер кога го видела во ходникот, но се надева дека набргу повторно ќе се сретнат, а Лејвер брзо ѝ одговори на Твитер: „Здраво Коко Гоф – честитки за вашата неверојатна победа. Би сакал да се сретнам со вас“. 


Вознијацки ја заврши кариерата каде што победи пред две години

Во Мелбурн, на првиот тениски гранслем-турнир во годината, Австралија опен, во третата рунда беше елиминирана и Каролине Вознијацки (29) од Данска, откако загуби од Онс Жобер од Тунис со 5-7, 6-3 и со 5-7). За Вознијацки тоа беше и преран крај на професионалната тениска кариера, поради здравствени причини, на истото место каде што пред две години ја освои единствената гранслем-титула.