Аргентинскиот тенисер Диего Шварцман, Италијанецот Матео Беретини, Французинот Гаел Монфис, Русинот Андреј Рубљов, Канаѓанецот Денис Шаповалов и Шпанецот Роберто Баутиста Агут се шесте тенисери што конкурираат за двете преостанати места на јубилејниот 50. завршен мастерс-турнир, кој од 15 до 22 ноември треба да се игра во Лондон.
Светскиот рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ, и Шпанецот Рафаел Надал, втор на АТП-листата, пласман на завршниот мастерс во Лондон обезбедија како најдоброрангирани тенисери. Дел од завршницата во Лондон ќе биде и годинашниот освојувач на САД опен и трет на АТП-листата, Австриецот Доменик Тим. Улогата на бранител на титулата од минатата година ќе ја има Гркот Стефанос Циципас, кој местото во Лондон си го обезбеди со пласманот во полуфиналето на Ролан Гарос. Преостанатите две места им припаднаа на Германецот Александар Зверев, финалист на САД опен, како и на младиот руски тенисер Данил Медведев.
Завршниот мастерс од следната и во наредните пет години ќе се игра во Торино. Турнирот во Лондон ќе се игра без публика и во согласност со епидемиолошко-здравствените мерки преземени од британската влада.