По 117-ти пат лидер е Карлсен, кај шахистките убедливо прва е Јифан, а на македонската листа и понатаму водат Георгиев и Стојковска

МАРТОВСКА ЛИСТА НА ФИДЕ

Холанѓанецот Џорден ван Форест и Русинот Андреј Есипенко ја надминаа границата од 2.700 рејтинг-поени на мартовската листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и сега со по 2.701 се на делба на 36-то место. По турнирот во Вајк ан Зе има некои промени меѓу првите 10.
Светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (рејтинг 2.847), загуби 15 рејтинг-поени, но и понатаму е прв, по 117-ти пат. Американецот Фабиано Каруана (2.820) е втор, иако загуби три поени, а трет е Кинезот Динг Лирен (2.791). Потоа следуваат Русинот Јан Непомнијашчи (2.789), Ерменецот Левон Аронијан (2.781), Холанѓанецот Аниш Гири (2.776, освои 13 рејтинг-поени и влезе меѓу првите 10)… Французинот Максим Вашер-Леграв (2.758) во Вајк ан Зе загуби 26 поени и падна од 5-то на 14-то место.

Кај шахистките убедливо води Хоу Јифан од Кина (рејтинг 2.658), пред Русинката Александра Горјачкина (2.593).
На македонската рејтинг-листа нема промени во однос на февруарската листа. И понатаму прв е Кирил Георгиев (2.589), пред Филип Панчевски (2.519) и Никола Митков (2.518). Кај шахистките води Моника Стојковска (2.061), пред Бојана Бејатовиќ (2.031) и Павлина Пауновска (2.012).
Екипно, прва е Русија (просечен рејтинг 2.739), пред САД (2.715) и пред Кина (2.705). Македонија е 50-та (2.472) меѓу 184 земји. Кај жените води Кина (2.488), пред Русија (2,483) и пред Индија (2.404), а Македонија е 73-та (1.809) меѓу 156 држави. За екипната листа се пресметува просекот на првите 10 шахисти на поединечната листа.