Прво, инвестиравме во повеќе луѓе во маркетинг и второ, работиме многу повеќе во анализата на податоците што ги имаме. Во шаховскиот свет владее и многу позитивна атмосфера, вели Дворкович

АРКАДИЈ ДВОРКОВИЧ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ФИДЕ

Се надевам дека нема да имаме долготраен ефект врз шахот од ковид-19 и дека строгите мерки нема да постојат уште долго, оти вакцинацијата ќе ја подобри состојбата на глобално ниво. Но, исто така, веројатно ќе има повнимателен однос кон масовните турнири, вели, меѓу другото, претседателот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Аркадиј Дворкович, во интервјутo за „Британскиот шаховски магазин“, пренесува ФИДЕ.
Минатата година беше прекинат Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак.
– Никогаш нема 100 отсто гаранција, но мислам дека и ние и целиот свет сега научивме како да се справуваме со вакви настани. Тестирањето треба да биде доволно за да се спречи какво било негативно сценарио. Ќе бараме шахистите да бидат тестирани пред да дојдат во Русија и по пристигнувањето, но и уште еднаш во средината на турнирот. Дали ќе биде дозволено гледачи да присуствуваат, тоа ќе го објавиме непосредно пред турнирот – вели Дворкович.
Тој верува дека ФИДЕ може да го спречи мамењето преку интернет.

– Веќе имаме алгоритми што даваат разумен степен на сигурност дека постои мамење. Уверени сме дека можеме да го подобриме тоа со помош на голем број компании – вели Дворкович.
Дворкович вели дека за развојот на шахот „сега има комбинација од два тренда“.
– Прво, инвестиравме во повеќе луѓе во маркетингот, да ги поврзат компаниите и второ, работиме многу повеќе во анализата на податоците што ги имаме, за бројот на активни играчи, за децата што учествуваат во програмите „Шах во училиштата“ и слично, така што ќе можеме да им дадеме појасна слика на спонзорите. Во шаховскиот свет владее и многу позитивна атмосфера. Имаме добри комерцијални приказни од групата „Играј Магнус“, онлајн платформите помогнаа да се зголеми интересот. Од една страна, имаме многу поефикасна и организирана работа од страна на ФИДЕ и силни трендови на пазарот во корист на шахот. Исто така, филмската серија „Дамин гамбит“ имаше влијание, барем привремено, што беше многу важен момент за шахот, би сакал да ги истакнам и големите промени во Индија, најавување на Светската шаховска лига е нешто што треба да се следи, имаме интерес од Кина да сториме повеќе, постојат иницијативи и од САД, Узбекистан сега воведе огромна програма за развој на шахот, Израел ја зголеми својата програма „Шах во училиштата“.

Убави работи се случуваат за шахот. Присуствував на завршната церемонија на африканскиот шампионат, каде што имаше 2.300 учесници. Неодамна бев во Србија и се надевам дека ќе можеме да направиме повеќе настани таму. Значи, повторно шахот преку интернетот помага, но клучот е да имате повеќе партнери и спонзори – рече претседателот на ФИДЕ.


„Интернет-шахот во никој случај не е замена за шахот на табла“

Играњето шах преку интернет овозможува подобар пристап до милиони луѓе, обезбедува пристап до обука, гледање и играње, што е од клучно значење за зголемување на шаховската публика. За играњето на табла, имате логистички проблеми (место, патување, сместување, безбедност и сл.), а за интернет-шахот, клучните предизвици се во областа на евентуалното мамење и стабилноста на интернет-врската. Исто така, забавно е да се поврзете со луѓе од целиот свет без потреба да трошите пари на патувања. Но интернет-шахот во никој случај не е замена за шахот на табла, тоа е и поентата што би сакал да ја истакнам. Веднаш штом ќе бидат укинати ограничувањата, ќе видиме големо враќање на турнирите на табла, особено кога станува збор за големи настани. Но тоа не значи дека интернет-шахот ќе исчезне. Проценувам дека односот помеѓу нив би бил 70-30 во корист на шахот на табла – вели Дворкович, кој не размислува мечот за титулата светски првак да се игра преку интернет и вели: „Не гледам причина за тоа. Можеме да имаме неколку различни шаховски фестивали преку интернет, но не и за титулата светски првак“, вели претседателот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Аркадиј Дворкович, во интервјутo за „Британскиот шаховски магазин“, пренесува ФИДЕ.