Француската министерка за спорт, Роксана Марисинеану, кажа дека не е доведен во прашање почетокот на најголемата светска велосипедска трка Тур де Франс и дека ќе почне на 29 август, без разлика што француската влада донесе одлука за откажување на сите спортски и културни настани до септември на кои се собираат повеќе од 5.000 луѓе.
– Нема да бидат дозволени собири со голем број луѓе до септември, но Тур де Франс ќе може да почне на 29 август, со неколку приспособувања. За тоа ќе се погрижат организаторите на трката – рече француската министерка по објавата дека шпанската Вуелта нема да почне на 14 август од Холандија, на чија почва требаше да се возат првите три етапи.

Поради пандемијата на коронавирусот, почетокот на Тур де Франс мораше да се одложи за два месеца, а новиот закажан датум во велосипедскиот календар се совпаѓа со оригиналниот термин за одржување на Вуелта во велосипедскиот календар во 2020 година. Новиот датум за Вуелта би требало да биде во ноември, без трите „холандски“ етапи, па трката ќе има вкупно 18 етапи.

Ревидираниот календар за велосипедизам ќе им даде приоритет на најголемите трки, а италијанскиот Џиро, кој требаше да почне во мај во Унгарија, допрва треба да го најде своето место. Меѓународната велосипедска федерација (УЦИ) го планира Светскиот куп од 20 до 27 септември, чиј домаќин е Швајцарија. Исто така, од Федерацијата објавија дека одложените големи еднодневни трки (Милано – Сан Ремо, Лиеж – Бастонг – Лиеж, Тура на Фландрија и Париз – Рубе) ќе се одржат годинава, а датумите ќе бидат одредени подоцна. 


Нов датум и за Вуелта

Организаторите на годинашната велосипедска трка околу Шпанија, познатата Вуелта, објавија дека трката нема за почне во Холандија.
– Тоа беше сложена одлука, која не сакавме да ја донесеме. Меѓутоа бевме принудени поради сложеноста на околностите што настанаа поради коронавирусот, со кој моментно живееме и чиј понатамошен развој не е предвидлив. Трката требаше да се одржи од 14 август до 6 септември, но по новиот термин на Тур де Франс од 29 август до 20 септември, нашите размислувања се Вуелта да се одржи во ноември – изјави директорот на Вуелта, Хавиер Гулиен.
Меѓународната велосипедска федерација (УЦИ) се надева дека ќе може да создаде календар за вториот дел од сезоната во август, во кој ќе се обиде да ги смести сите три најголеми трки во светот – Тур де Франс, Џиро д`Италија и Вуелта.