Повлекувањето на Бернал стави крај на доминацијата на тимот Инеос (порано Скај) на најголемата велосипедска трка на светот (седум победи на претходните осум изданија на Тур со четири различни возачи)

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Ланскиот победник на велосипедската трка Тур де Франс, Колумбиецот Еган Бернал се повлече од трката на пет етапи до крајот, соопшти неговиот тим Инеос Гренадирс, пренесува „Асошиејтед прес“ (АП). Бернал (23) беше на 16-то место во генералниот поредок, со 19,4 минути заостаток зад лидерот, Словенецот Примож Роглич.
Неговиот тим соопшти дека Бернал, кој се жалеше на болки во грбот и во коленото, ќе се обиде да заздрави што е можно побрзо и да ги редефинира целите во продолжението од сезоната.

Повлекувањето на Бернал (лани стана првиот Колумбиец победник на Тур и најмладиот шампион по Втората светска војна) стави крај на доминацијата на тимот Инеос (порано Скај) на најголемата велосипедска трка на светот. Успешниот период почна во 2012 година, со победата на Британецот Бредли Вигинс. Тимот победи на седум од претходните осум изданија на Тур, со четири различни возачи (Вигинс, Крис Фрум, Герент Томас и Бернал), но негов најдобропласиран возач годинава е Еквадорецот Ричард Карапаз, кој беше 14-ти пред вчерашната 17-та етапа.

Годинашниот Тур, со многу ридско-планински етапи на Пиринеите и на Алпите, се смета за еден од најтешките во претходните десетина години, за што потврда се и многуте откажувања. По 15 етапи, трката ја завршија повеќе од 20 велосипедисти, меѓу нив и неколку претенденти за висок пласман.