Поради состојбата со коронавирусот не би било премногу тешко да го гледаме Тур на телевизија наместо покрај патот, вели француската министерка за млади и за спорт Роксана Маракино

Тур де Франс би можел да се случи без присуство на гледачи, изјави француската министерка за млади и спорт Роксана Маракино, за француските медиуми. Сепак, според „Л’екип“, Маракино предупредила дека иако се разговара за различни сценарија со организаторите на Тур, сепак, многу е рано да се донесат какви било одлуки за трката што треба да се одржи од 27 јуни до 19 јули, бидејќи пандемијата на коронавирусот останува главна грижа на сите.
– Економскиот модел на Тур де Франс не се засновува врз продажбата на билети, туку врз ТВ-правата. Во овој период на затвореност сите се внимателни и свесни. Секој разбира дека мора да остане дома, затоа гледа телевизија наместо да присуствува на настаните во живо. Според тоа, не би било премногу тешко да го гледаме Тур на телевизија наместо покрај патот – изјави Маракино.

Поранешниот претседател на Светската велосипедска унија (УЦИ), Брајан Куксон, пак, предлага трите најголеми грантур-трки, Тур де Франс, Џиро д’Италија и шпанската Вуелта годинава да траат по две, наместо по три недели за да може да се одржат во втората половина од сезоната.

Досега се одложени над 100 трки, а многу други се откажани. Џиро д’Италија нема да се одржи во мај, а за сите машки и женски пролетни „класици“ закажани за април, се бараат нови термини во веќе пренатрупаниот календар за втората половина од годината.