На пандемијата на коронавирусот, која придонесе многу врвни спортски настани низ светот да бидат откажани или одложени, засега се чини „имуни“ се само шаховските фигури. Претстојниот Турнир на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак во шах (од понеделник до 5 април), во Екатеринбург (Русија), ќе се одржи во предвидениот термин. И врвните турнири, како што се турнирот во Сент Луис (САД) и „Гренке опен“, каде што треба да игра и светскиот првак Магнус Карлсен, уште не се откажани.

Од осумтемина шахисти што ќе настапат во Екатеринбург, Кинезот Хао Ванг и Азербејџанецот Тимут Раџабов побараа да се одложи турнирот поради коронавирусот, а вториот се повлече, па неговото место го зазеде Французинот Максим Вашер-Лаграв.
– ФИДЕ дејствува според формалните барања и упатства на руските и локалните здравствени власти, а имаме и законски и финансиски обврски. Преземени се мерки за здравјето на играчите и за безбедност на турнирот – вели генералниот директор на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) Емил Сутовски.

Мерките што ги презеде ФИДЕ во врска со турнирот се следниве: сите шахисти-учесници на турнирот, официјалните лица и посетители, ќе бидат подложни на проверка од медицински лица за евентуални симптоми на коронавирус пред да влезат во салата за играње, средствa за миење раце врз база на алкохол ќе има постојано, како и заштитни маски, кои во зависност од ситуацијата, може да бидат и задолжителни за публиката, растојанието помеѓу шахистите и првите редови од гледачите во салата ќе биде најмалку 15 метри, ракувањата на шахистите пред и по партијата не се задолжителни, превентивните мерки (маски, средства за дезинфекција и сл.), мора да бидат обезбедени во сите хотелски простории каде што ќе престојуваат шахистите и службените лица, како и во сите возила што ќе се користат за време на турнирот.

– ФИДЕ внимателно ќе ги следи сите случувања во врска со турнирот и чекорите што ќе ги преземат руските власти, за да се обезбеди сигурност на шахистите и на гледачите – се вели во соопштението на ФИДЕ.