Атанас Наумов за нецели две години ги истрча најпознатите шест светски маратони, во Лондон, Њујорк, Чикаго, Бостон, Берлин и во Токио, а таков успех оствари и Ангел Арнаудов

Атанас Наумов и Ангел Арнаудов се првите Македонци што можат да се пофалат дека настапиле и ги истрчале шесте најголеми маратони во светот, во Лондон, Њујорк, Чикаго, Бостон, Берлин и во Токио.
– Во 2014-та, на Скопскиот маратон, ја истрчав мојата прва трка, на 5 км. Бев многу возбуден, но и презадоволен, и решив да продолжам да трчам на подолги дистанци. Прв маратон што го истрчав беше во Љубљана во 2015 година. Пред трката си реков „само овој и доста е“. Но два-три часа подоцна веќе правев планови кој ќе ми биде следниот маратон – вели Наумов.

По Љубљана, следуваше Скопскиот маратон во 2016-та, а потоа и во 2017 година.
– Во 2016-та се пријавив и на лотаријата за маратонот во Њујорк, за моја среќа бев избран и настапив во ноември таа година. Тој маратон во Њујорк ми беше прв од шесте „светски големи трки“. Чувството беше неверојатно, незаборавно, да се трча во Њујорк меѓу 55.000 тркачи, и покрај милион луѓе покрај улиците, е преубаво. Тогаш решив да ги трчам сите најголеми маратони – се сеќава Наумов.
Следен на маратонската листа на Наумов беше Лондон, лани во април.
– Прекрасно е, се трча покрај најзначајните знаменитости на Лондон, покрај неверојатна публика, има преубава атмосфера по должината на целата патека. Да се трча покрај „окото на Лондон“ и „Биг Бен“, со македонското знаме в раце, е нешто што вечно ќе го паметам. Тој маратон е навистина нешто посебно, има поддршка и од кралското семејство, и за мене е на прво место меѓу сите маратони на кои сум учествувал – вели Наумов.

Потоа во септември Наумов трчаше и на маратонот во Берлин, кој има речиси идеална патека. Две недели подоцна настапи и на маратонот во Чикаго, во февруари годинава и во Токио, кој, според него, е најдобро организираниот маратон од сите во светот. На крајот, шест недели по Токио, следуваше и настапот на најстариот маратон во светот, во Бостон.
– Временските услови таму беа од лоши полоши, неколкумина маратонци што трчале повеќепати таму ми рекоа дека времето никогаш не било полошо. Имаше пороен дожд, ветерот дуваше со брзина од 40 до 50 км на час, а температурата беше два-три степени. На целта бев комплетно мокар, се тресев од студ, но бев среќен, успеав да ја исполнам целта, ги истрчав сите шест најголеми светски маратони, на што сум особено горд – вели Наумов.