Македонскиот шахист Владимир Тркаљанов (2.096 рејтинг-поени), ја доби наградата „Гаспром“ за најбрилијантна партија одиграна на Шаховската-интернет олимпијада (ШО) за лица со попреченост, во организација на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), што претставува голем успех за долгогодишниот шахист од Кочани. Тој и севкупно одигра одлично, освојувајќи шест поени од можните седум за македонската репрезентација, која своите партии ги играше во домот „Даре Џамбаз“ во Скопје.

– Секако, одлуката дека мојата партија одиграна против силната шахистка од Киргистан женскиот интернационален мајстор (ЖИМ) Ирина Остри (2.147), за мене, но и за Македонија претставува значајно признание, но истовремено и една голема сатисфакција за сето она што досега сум го вложил во шахот играјќи на многубројните турнири. Партијата беше мошне возбудлива, комбинаторна и одиграна во голем стил од моја страна. Ова е само уште една потврда дека спортистите се најголеми амбасадори на една држава – изјави за „Нова Македонија“, Тркаљанов.

Во мошне оштра партија на Сицилијанска одбрана, Тркаљанов за напад, прво жртвуваше коњ, а потоа и топ, за да го принуди противничкиот крал да ја почне својата одисеја од полето е8, а да ја заврши на полето г3 и да биде елегантно матиран со белата кралица.

Шест од вкупно 11 судии својот глас го дале за македонскиот шахист, од кои тројца се Англичани, двајца Шпанци и еден Германец, кои пак, преку видео-материјал и ја анализираат, а тоа се: ВМ Даниел Кинг, ВМ Басем Амин и ЖИМ Елизабет Паетц сите од Англија, ИМ Давид Мартинез и ИМ Михаел Рахал од Шпанија и ВМ од Германија, Георгиос Соулеидис.

Македонската шаховска репрезентација на оваа ШО го подели 10-то место, но според дополнителните критериуми беше 14-та со девет бода (четири победи, едно реми, два пораза), односно 16 поени по табли. На неа настапија 61 селекција од 45 држави, со вкупно 396 шахисти и се состоеше од две фази. Првиот дел беше до седмото коло, а најдобрите четири селекции се квалификуваа во полуфиналето, по што следеше и финалето. Г.И.