Боксот, кревањето товар и модерниот петобој во следните 18 месеци треба да направат промени за да го задржат статусот на олимписки спортови за Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2028 година во Лос Анџелес. Трите спорта се изоставени од првичната листа од 28 на програмата за Игрите во 2028 година, која ќе биде ставена на одобрување на членовите на ИОК во февруари и уште можат „да се вклучат“ на состанокот на членството на ИОК во 2023 година.
Листата на одобрени спортови вклучува скејтбординг, сурфање и спортско качување, кои имаа успешно олимписко деби во Токио. Тоа, исто така, значи и дека ќе добијат дел од идните приходи од ТВ-емитувања, кои моментно изнесуваат најмалку 15 милиони долари за секој спорт.
Други спортови, исто така, би можеле да се најдат во Лос Анџелес. Бејзболот, софтболот и каратето беа на програмата во Токио, но не беа вклучени за Игрите во Париз во 2024 година, на кои покрај скејтбордингот, сурфањето и спортското качување ќе има и брејкденс.