Светскиот шампион Марсел Хиршер (Австрија) ја освои слалом трката во Аделбоден од Светскиот куп во ски-алпски дисциплини. За Хиршнер ова е двојна победа во швајцарскиот зимски центар откако вчера триумфираше во велеслалом.

Австриецот беше трет по првата трка, но одлично возеше во втората и освои вкупно време од 1:47,37 минути. За Хиршнер ова е 67-ма победа во Светскиот куп, петта во слалом во Аделбоден, четврта за сезоната во оваа дисциплина, и третиот двоен успех во кариерата во швајцарското одморалиште. Хиршер забележа уште рекордна деветта победа во Аделбоден и деветти успех од почетокот на сезоната.

Втор на 50 стотинки од секундата остана Клеман Ноел (Франција), а трети на 71 стотинки се нареди Хенрик Кристоферсен (Норвешка). Лидерот по првата трка Марко Шварц (Австрија) пропушти врата и не успеа да ја заврши втората трка. Олимпискиот шампион во дисциплината, Андре Милер (Шведска) отпадна во првата трка.

Во генералниот пласман за големиот Кристален глобус води Марсел Хиршер со 976 поени, следен од Кристоферсен со 571 поени и Алекси Пинтуро (Франција) со 494 поени.

За малиот Кристален глобус во слалом повторно Хиршер е лидер со 436 поени, пред Даниел Уле (Швајцарија) со 278 поени и Кристоферсен со 269 поени.

Пласман во Аделбоден, слалом:

1. Марсел Хиршер (Австрија) – 1: 47.37 минута (54.29 секунди во првата трка и 53.08 секунди во втората)
2. Клеман Ноел (Франција) – 1: 47.87 (54.49 и 53.38)
3. Хенрик Кристоферсен (Норвешка) – 1: 48,08 (54,24 и 53,84)
4. Алекси Пинтуру (Франција) – 1: 48.10 (54.42 и 53.68)
5. Рамон Ценхојзерн (Швајцарија) – 1: 48.34 (54.67 и 53.67)
6. Елиас Колега (Хрватска) – 1: 49.34 (55.48 и 53.86).