Интересен факт пренесоа романските медиуми, кои соопштија дека овогодишната победничка на „Ролан Гарос“ има потекло од Македонија

Романската тенисерка Симона Халеп во својот трет обид успеа да го освои престижниот тениски турнир „Ролан Гарос“. Таа во големото финале ја совлада Американката Слоан Стивенсон со 2-1 во сетови (3-6, 6-4, 6-1).
Со овој триумф најдобрата тенисерка на ВТА-листата Халеп, стигна до својата прва гранслем-титула во играчката кариера.
Откако во октомври минатата година ја зазеде првата позиција на ВТА-листата, многубројните тениски аналитичари ја прогласија за „најлошиот“ број еден во историјата на тенисот, поради фактот што до освојувањето на годинашниот „Ролан Гарос“ немаше освоено ниту една гранслем-титула.
За Халеп ова беше трето финале на престижниот француски турнир. Во 2014 година борбата за пехарот ја загуби од искусната руска тенисерка Марија Шарапова, а минатата година не успеа ни против Летонката Јелена Остапенко. Романката, во јануари годинава загуби и во финалето на „Австралија опен“ од данската тенисерка Каролина Возњатцки со 2-1 во сетови.
Интересен факт пренесоа романските медиуми, кои соопштија дека овогодишната победничка на „Ролан Гарос“ има потекло од Македонија. Таму стои дека предците на Халеп биле од Македонија и дека во Романија се доселиле за време на Отоманската Империја. Во Романија нив ги нарекуваат Ароманци, односно Власи, така што според пишувањата на романскиот интернет-сајт „Либертатеа“, Халеп е Ароманка.