Атракција на Треска - првпат ќе се вози спуст од 3,5 км - Фото: Дарко Андоновски

Утре и задутре на програмата се натпреварите во класик-спуст, првпат од ваков вид на Треска, од кањонот Матка до мостот во селото Шишево, во должина од 3,5 км. Викендов, пак, е спринтот, на познатата патека на Треска, долга 300 метри

На реката Треска, кај Матка, од утре до недела ќе се одржи Европското првенство (ЕП) во кајак-спуст на дива вода, за јуниори и за сениори до 23 години. На првенството ќе настапат над 250 кајакари од 16 земји, меѓу нив и од Македонија (Александар Златаров, Никола Димов и Виктор Миланов во сениорска и Енис Небиовски, Џингис Небиовски, Мартин Мазнев и Христијан Игнатов во јуниорска конкуренција).

Утре и задутре на програмата се натпреварите во класик-спуст, првпат од ваков вид на Треска, на делницата од кањонот Матка до мостот во селото Шишево, во должина од 3,5 километри. Според правилата, нема строги ограничувања за должината на патеката, со тоа што кајакарите делницата треба да ја извозат за 10 минути. В петок се натпреварите во екипна конкуренција, а в сабота и в недела се вози спринтот, на познатата патека на Треска, долга 300 метри.

– Конкуренцијата ќе биде навистина силна. На Треска доаѓаат најдобрите од Европа во кајак-спустот и во спринтот во оваа старосна категорија. Кајакарите од Словенија, Франција и од Германија се меѓу фаворитите за највисок пласман и за медали. Што се однесува до македонските претставници, успех би бил пласман во финалето, а најголеми шанси за такво нешто имаат Небиовски и Златаров. Тие имаат поголемо искуство на ваквите натпревари за разлика од другите што досега главно настапуваа на трките во кајак-слалом – вели моментно најдобриот македонски кајакар Љубомир Спасиќ, сега во улога на технички директор на ЕП.

Македонија, поточно патеката на реката Треска на Матка, традиционално е домаќин на врвни европски и светски кајакарски натпревари. Во април годинава, по 50-ти пат се одржа традиционалниот Илинденски кајак-слалом (ИКАС), а лани во мај се одржа и сениорското ЕП во спуст и во спринт.