Епитетот на најмлад освојувач на олимписки медал во историјата на модерните олимписки игри го носи Гркот Димитриос Лундрас (10 години), кој на првите игри на модерната ера, во Атина во 1896 година, освоил бронзен медал во гимнастика

ГОДИНИТЕ ЗА НИВ СЕ САМО БРОЈКА

Возраста не е ништо друго освен бројка кога станува збор за најмладите олимпијци што настапија на Олимписките игри во Токио. Младите спортисти на возраст од 12 до 18 години ги преплавија насловните страници на сите светски спортски медиуми, не само поради нивната возраст туку и поради медалите што ги освоија. Американката од Алјаска, Лидија Џејкоби (17), двапати се запиша во олимписката историјата, првиот пат како прв олимписки победник од Алјаска, а потоа и како победник во трката на 100 метри градно, во која беше побрза од Јужноафриканката Татјана Шенмајкер и Американката Лили Кинг, која ѝ е идол на Џејкоби.
Најголемо внимание во спортската јавност привлекоа трите малолетни скејтбордерки, кои во дисциплината „уличен настан“ стигнаа до највисоките медали. Златниот медал го освои 13-годишното девојче од Осака, Момиџи Нишија, сребрена беше Бразилката Рајса Леал (13), а бронзата заврши на градите на Јапонката Фуна Накајама (16). Како член на јужнокорејскиот стрелачки тим, 17-годишниот Ким Је-Деок се закити со два златни медали на ОИ во Токио.

Гимнастиката е спорт познат по тоа што девојките најчесто се со нагласена младост. Романката Надија Команечи со 15 години на Олимписките игри во Монтреал во 1976 година освои три златни и по еден сребрен и бронзен медал, а сега во Токио, злато освоија Русинките Владислава Уразова (16) и Викторија Листунова (16), како дел од рускиот тим во повеќебој. Куан Хонгчан (14 години) е најмладата спортистка од Кина што се закити со златен медал на Игрите во Токио во дисциплината скокови од кула. Нејзината колешка Чен Јукси (15) исто така освои злато во скокови од кула, но во дисциплината синхронизирани скокови, со нејзиниот партнер 17-годишниот Занг Јиаки. Имено, мешаните (машко-женски) двојки во синхрони скокови беше една од новите дисциплини во Токио. На ОИ во Токио имаше најмалку 20 спортисти помлади од 18 години што настапија, но не освоија медал.
Најмлад олимпиец на игрите во Токио беше 12-годишната пингпонгарка од Сирија, Хенд Заза, која испадна на почетокот на пингпонгарскиот турнир. Таа не беше само најмладиот спортист во Токио туку и најмладата пингпонгарка во историјата на Олимписките игри од 1988 година, откако овој спорт е дел од олимпискиот календар. Сиријката имаше точно 12 години и 204 дена на денот на настапот, малку помлада од Јапонката Коконе Хираки (ќе наполни 13 години на 26 август), која со освојувањето сребро во скејтбординг е најмладиот медалист на игрите во Токио.
Епитетот на најмлад освојувач на олимписки медал во историјата на модерните ОИ го носи Гркот Димитриос Лундрас (10 год), кој на првите игри на модерната ера, во Атина во 1896 година, освои бронзен медал во гимнастика.