ТЕНИС – ЗАВРШЕН МАСТЕРС-ТУРНИР ВО ЛОНДОН

Во крајно изедначен меч, по два и пол часа игра, австрискиот тенисер Доминик Тим го победи Шпанецот Рафаел Надал, со 7-6, 7-6 во сетови, во 2. коло од групната фаза, група А, на завршниот мастерс-турнир, АТП-финалето во Лондон, и прв обезбеди пласман во полуфиналето на турнирот. Во групата Б вчера во второто коло играа Новак Ѓоковиќ – Данил Медведев и Диего Шварцман – Александер Зверев.
Дуелот во Лондон беше 15-та меѓусебна пресметка на Тим и Надал и шеста победа на Австриецот, кој првпат во кариерата стигна до две последователни победи над Надал, откако во почетокот на годинава, во јануари, славеше и во четврт-финалето на гранслем-турнирот Австралија опен, во Мелбурн.
По две кола во групата А, Тим има ефект две победи, што му гарантира пласман во полуфиналето на турнирот, откако Стефанос Циципас во 2. коло го победи Андреј Рублев, со 6-1, 4-6, 7-6. Циципас и Надал имаат по една победа досега во Лондон, а во меѓусебниот дуел денеска ќе го одредат вториот полуфиналист од групата А.