Има голем број теории, а еден германски весник објави што се случило

Кога на 29 декември 2013 година се појави веста за Михаел Шумахер, една од најголемите легенди во историјата на Формула 1, дека настрадал при скијање на француските Алпи, целиот свет се запраша како дошло до тоа. Универзитетската болница во Гренобл тогаш била опкружена со многу обожаватели и новинари, кои со нетрпение ја очекувале секоја и најмала вест за неговата здравствена состојба. Првите вести од болницата, сепак, не биле добри, а деветтиот ден се појавила трошка надеж, откако францускиот неврохирург Жан Франсоа Пајен, кој се грижел за него, првпат рекол дека Шумахер повеќе не е во животна опасност. Додека Шумахер само го почнуваше своето бавно и напорно патување до закрепнување (помина 250 дена во медицински индуцирана кома), почнаа да се појавуваат теории за тоа како се случила неговата несреќа, пишува хрватски медиум.
Првата теорија била дека Шумахер скијал со голема брзина (помеѓу 80 и 100 км на час) надвор од скијачката патека и дека паднал удирајќи со главата во карпа. Шлемот не бил спомнат. Првичните извештаи не сугерирале дека состојбата е толку сериозна, оти лекарите наводно рекле дека Шумахер е повреден, но и дека тој нормално комуницирал. Во некои верзии, тој скијал многу побавно, околу 20 км на час, некои тврделе, пак, дека намерно скијал надвор од патеката, други дека отишол да му помогне некому и скршнал од патеката, друга верзија е дека заобиколил дете на патеката, па бил принуден да сврти. Прво беше споменато дека Шумахер немал, па потоа дека имал шлем, но и камера на него. Се испоставило дека тој навистина имал шлем и камера, а некои експерти од скијачката академија „Енсе“ мислеле дека камерата ја ослабнала цврстината на шлемот, па тој пукнал при ударот.

Резултатите од истрагата покажале дека камерата не можела да влијае да се скрши шлемот.
– Шумахер удрил во карпа со десната страна од главата. Камерата била поставена на средината на шлемот и останала недопрена. Како резултат на тоа, видеоматеријалот не беше оштетен и успеавме целосно да ја прегледаме мемориската картичка – објави дел од резултатите германски „Ди велт“.
Истрагата покажала и дека неговите скии и везови биле во добра состојба, а тој изгубил контрола и потоа удрил во карпа. Утврдено е дека брзината не била преголема, а до несреќата дошло поради сплет на немили околности. Ски-центарот „Мерибел“, каде што се случила несреќата, сепак, беше ослободен од одговорност, оти Шумахер скијал надвор од јасно обележаната патека.
Според германски „Билд“, несреќата се случила околу 11 часот, додека Шумахер бил на скијање со синот и неколку пријатели. Тие наведуваат дека Михаел скршнал затоа што видел дека ќерката на еден од неговите пријатели се заглавила и побрзал да ѝ помогне. Кога излегол од скијачката патека, на околу 20 метри во подлабокиот снег, наишол на камења што стрчеле од снегот, ја изгубил контролата, по што паднал и со десната страна од главата удрил во друга карпа. Иако носел шлем, тој се скршил од силината на ударот. Според „Билд“, помошта пристигнала по четири минути, а Шумахер уште бил свесен, со хеликоптер бил префрлен во болница во Гренобл, каде што веднаш бил опериран. Здравствената состојба на Шумахер со години е вистинска енигма, а информациите во јавноста доаѓаат ретко, па уште многу се шпекулира како тој настрадал. Неговата сопруга Корина во неодамна објавениот документарец откри дека тој е „уште тука, но поинаков“.

– Живееме заедно во нашиот дом, спроведуваме терапии, правиме сѐ за да го подобриме и тој да ја почувствува солидарноста на нашето семејство. Секојдневно ми недостига тој Михаел, и не само мене, им недостига на децата, семејството, сите околу него… Но Михаел е таму, поинаков, но е таму и тоа ни дава сила на сите – рече Корина во документарецот.
Поранешниот шеф на Ферари, Жан Тод, еднаш изјави дека токму Корина е заслужна што Шумахер уште е жив. И сега тој повторно се огласи по многубројните јавни критики поради недоволните информации за состојбата на поранешниот возач на Формула 1.
– Можам да разберам зошто неговото семејство и пријателите го штитат, затоа што треба да го оставиме на мир. Михаел се бори и можеме само да се надеваме дека ситуацијата ќе се подобри – изјави Тод за британски „Дејли мејл“.