Водечките тела на светскиот тенис заедно собраа повеќе од шест милиони долари за Програмата за помош на играчи, за поддршка на тенисерите и тенисерките што се особено погодени од тековните влијанија на пандемијата на коронавирусот. Професионалниот тенис е суспендиран до 13 јули годинава.
Машката (АТП) и Женската тениска асоцијација (ВТА), потоа четирите гранслем-турнири Австралија опен, Ролан Гарос, Вимблдон и САД опен, како и Меѓународната тениска федерација (ИТФ), се здружија во знак на поддршка на играчите што се соочуваат со предизвици поради на глобалното влијание на пандемијата.

Покрај своите придонеси, АТП и ВТА ќе управуваат и со финансиската распределба на оваа програма, за околу 800 поединечни и дабл-играчи заедно, а на кои им е потребна финансиска поддршка. Притоа ќе се има предвид рангирањето на играчот, како и заработката од претходните наградни фондови според критериумите договорени од сите засегнати страни.

Средствата собрани, пак, преку разни иницијативи, како што се аукциите, донации на играчите, виртуелните тениски игри и слично, само се добредојдени во понатамошната поддршка на оваа иницијатива. Создавањето програма за помош на играчите е позитивен доказ на можноста на спортот да соединува и да помогне во ова време на криза.