Според календарот објавен од АТП, вториот гранслем годинава треба да се игра од 31 август во Њујорк, а третиот од 27 септември во Париз. Серијата турнири АТП-челинџер, пак, треба да продолжат на 17 август, паралелно со Светската тениска турнеја на ИТФ

Сити опен во Вашингтон од серијата 500, на 14 август, треба да биде првиот тениски турнир што ќе го организира АТП од март годинава, кога спортот запре поради пандемијата на коронавирусот. АТП објави дека засега се договорени седум турнири, меѓу кои гранслемите САД опен и Ролан Гарос, како и три турнира од серијата Мастерс 1.000 во Њујорк (преместен од Синсинати), Мадрид и во Рим.
Австралија опен во јануари во Мелбурн, на кој победи Новак Ѓоковиќ, е единствениот гранслем што се одржа годинава.

По откажувањето на целата сезона на тревни терени, вклучувајќи го и гранслем-турнирот Вимблдон, целта е сега да се комплетираат уште два гранслема, првиот закажан да почне на 31 август во Њујорк, а вториот на 27 септември во Париз. Најдобрите осум тенисери што ќе соберат најмногу поени во текот на календарската година, ќе се натпреваруваат во финалето на АТП-сезоната во Лондон.
– Нашата цел е да направиме нов распоред за што е можно повеќе турнири и да спасиме што е можно повеќе од сезоната.

Тоа беше навистина заеднички напор и се надеваме дека ќе додадеме повеќе настани во календарот, бидејќи ситуацијата се развива. Би сакал да им дадам признание за напорите на организаторите на турнирите за тоа што го работат во овие тешки времиња, како и на нашите играчи, кои ќе се натпреваруваат во различни услови – рече Андреа Гауденѕи, претседател на АТП.
Турнејата АТП-челинџер, пак, ќе продолжи на 17 август, паралелно со Светската тениска турнеја на ИТФ.