Епидемијата на коронавирусот ги натера водечките тениски организации (АТП, ВТА, ИТФ) да ги одложат сите закажани турнири што требаше да бидат одиграни до 8 јуни, објавија во заедничко соопштение АТП и ВТА. Тоа значи дека во закажаните термини нема да се одиграат повеќе турнири на земјена подлога.

Во соопштението пишува и тоа дека турнирите што се на распоред по 8 јуни остануваат да се играат според предвидениот календар. Одлуката се однесува и на гранслем-турнирите сезонава. Така, парискиот Ролан Гарос веќе објави нов датум на одигрување, а тоа е од 20 септември до 4 октомври.
Од 8 јуни до првата недела од јули во календарот на АТП и ВТА се и турнирите на трева, а секако кулминација треба да претставува лондонскиот гранслем-турнир Вимблдон. Една од последиците на ваквата состојба е и замрзнувањето на сегашните листи на ВТА и на АТП.

– Новонастанатата состојба со коронавирусот бара поголема соработка отколку порано меѓу сите во тениската заедница, за заеднички да можеме да одиме напред, а сѐ во интерес на играчите, гледачите, турнирите. Ги разгледуваме сите опции за да го максимизираме тенискиот календар, имајќи ги предвид различните датуми за враќање на теренот, што во овој момент и не е познато. Ова, сепак, не е време на еднострани одлуки – се вели во заедничкото соопштение на АТП и ВТА-асоцијациите.