Квалитетот на воздухот може да влијае на мечевите на Австралија опен, а парична помош досега ветиле Шарапова, Ѓоковиќ, Барти, Кирјос, Квитова, Халеп...

Здравјето на играчите, навивачите и на персоналот задолжен за турнирот, секогаш ни претставувал прв приоритет, вели директорот на Австралија опен, Крег Тајли, во пресрет на турнирот во Мелбурн, каде што воздухот е загаден по пожарите во таа земја

Натпреварите на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен годинава би можеле да бидат прекинати, доколку квалитетот на воздухот е премногу лош, соопшти организаторот. Квалитетот на воздухот во Мелбурн достигна многу нездраво ниво, како последица на големите пожари што владеат во дел од Австралија, во кои, почнувајќи од септември минатата година, загинаа најмалку 24 лица, а милиони хектари земјиште е уништено.

– Здравјето на играчите, навивачите и на персоналот задолжен за турнирот, секогаш ни претставувал прв приоритет – вели директорот на турнирот, Крег Тајли.
Новак Ѓоковиќ и Марија Шарапова (двајцата со по 25.000 австралиски долари), Ник Кирјос, Ешли Барти, Петра Квитова, Симона Халеп се меѓу тенисерите што ветија финансиска поддршка во Фондот за помош во борбата со пожарите во Австралија. Барти најавила дека ќе ја донира и заработката од турнирот во Бризбејн, нејзиниот локален турнир.

Според Би-би-си, Квитова ветила донација за секој сервиран ас, а победничката на Вимблдон, Халеп, решила на необичен начин да собира пари, па ќе донира по 200 долари секогаш кога за време на турнирите во Австралија ќе викне по нејзиниот тренер. И организаторот на првиот гранслем-турнир годинава, Австралија опен, исто така, објави планови за собирање пари, вклучувајќи и со одржување музички настани.
Според извештаите на Бирото за метеорологија на Викторија, видливоста во Мелбурн, кој овој месец е прв домаќин на годинашнава серија гранслем-турнири, во некои делови од градот и околните области е помала од еден километар.

Индексот на квалитетот на воздухот во градот изминатиов понеделник достигнал 213, а секој индекс над 200 се смета за многу лош за човечкиот организам. Квалификациите за Австралија опен почнуваат на 14 јануари, а главниот турнир треба да почне на 20 јануари.

– Имаме експерти што во живо ги анализираат сите расположливи податоци што ги добиваат од нашите локации и редовно се консултираат со службените лица на турнирите, како и со медицински експерти, во случај на поизразена топлина и чад. Со тоа ги имаме најдобрите информации при донесувањето одлука дали некој натпревар треба да се прекине и кога – дополнува Тајли.

Досега на АТП-купот што се одржува во Сиднеј, Бризбејн и во Перт нема прекини како последица на чадот, но затоа, пак, неделава челенџ-турнирот во Канбера беше преместен 450 км подалеку, во Бендиго, а се откажани некои фудбалски и кошаркарски натпревари.