Британската тениска сензација Ема Радукану (18) испиша историја на гранслем-турнирот САД опен, совладувајќи ја Канаѓанката Лејла Фернандес (19) со 6-4 и 6-3 по сетови во финалниот дуел.

Радукану, која настапот во Њујорк го почна во квалификациите, стигна до нејзиниот прв гранслем-трофеј без загубен сет. На патот до финалето таа ги победи Стефани Фогел, Шуаи Женг, Сара Сорибес Тормо, Шелби Роџерс, Белинда Бенчиќ и Марија Сакари. Ова е и прв гранслем-трофеј во женска конкуренција за Велика Британија по пауза од 44 години.

Тинејџерките одиграа возбудливо финале кое траеше 110 минути, со што двете имаа повеќе неизнудени грешки отколку директно освоени поени. Радукану имаше 23 винери наспроти 25 грешки, додека Фернадес забележа 18 винери и 26 грешки.