Љубителите на тенисот низ целиот свет во еден ден добија неколку поврзани вести, кои навестуваат враќање на тенисерите на терените, на неофицијални настапи. Така, од 16 мај, тренерот на Серена Вилијамс, Партик Муратоглу на терените на својата академија во Ница најави мини-лига со десет тенисери, која би се играла пет викенди.
Австралискиот тенисер Алексеј Попирин го потврдил својот настап, како и светскиот рекет број 10, Давид Гофин. Во следните денови се очекува потврда и објавување на преостанатите учесници. Треба да се одиграат вкупно 50 меча, секој против секого, со бодување. Мечевите ќе бидат без публика, ќе бидат пренесувани на ТВ, а за тенисерите ќе има парични награди.

Во академијата на германскиот град Хeр-Грензхаусен на 1 мај почнуваат егзибициски мечеви, на кои на терен ќе бидат само двајца тенисери и судија. Нема да има тенисери од првите 100 на листата, мечевите ќе бидат пренесувани на тенискиот канал.
Во Германија во три сојузни држави тениските терени се повторно отворени, пишува „Кикер“. Во тие три сојузни држави играчите мора да се придржуваат кон посебните правила. Потребните мерки за хигиена и за безбедност, како и минималното растојание од 1,5 метар, мора да се почитуваат во секое време.