Таеквондистот Улугбек Рашитов го слави златото за Узбекистан во Токио

Таеквондото веројатно е „најдарежливо“ од сите олимпиоски дисциплини, нудејќи им можност на бројни држави кои вообичаено се на маргините на меѓународниот спорт да дојдат до медали, пишува „Њујорк тајмс“. Откако корејската боречка вештина стана дел од Летните олимписки игри во 2000 година, таа им донесе медали на државите со помал број учесници на Игрите.

Брегот на Слоновата Коска и Јордан во таеквондо ги освоија нивните први олимписки злата, исто како и Тајван. Нигер, Виетнам и Габон стигнаа до првите сребра. А единствените олимписки медали на Авганистан, две бронзи, исто така дојдоа од овој спорт. Успех на тековните игри имаа и државите од Балканот, со што Дејан Георгиевски го освои првиот сребрен медал за Македонија, односно вкупно втор на ЛОИ од осамостојувањето, додека Србија стигна до злато и бронза во женска конкуренција.

Во Токио, натпреварувачи од 61 држава, плус тројца членови на бегалскиот олимписки тим, се натпреваруваат во таеквондо, покажувајќи ја распространетоста на овој спорт кој е дел од вкупно пет изданија на Игрите. Згора, десетици знаменосци во Токио беа таеквондисти, меѓу кои и Георгиевски, потенцирајќи го значењето на боречката вештина за повеќе држави.

Таеквондото можеби не привлекува толку голема гледаност како гимнастиката или пливањето, но дисциплината за одбрана е вежбана од десетици милиони, особено во Африка, Азија и на Средниот Исток. Тоа е бидејќи за нејзино практикување не се потребни скапа опрема ниту големи спортски капацитети. Токму затоа, Во Нијамеј, главниот град на една од најсиромашните светски држави, Нигер, се изведуваат кружни удари. Во бегалскиот камп во јордански Азрак, насобраните Сиријци удираат со т.н. „ножици“, а во сиромашните краеви на Тајланд изведуваат комбинации со кои се забележува дека таеквондото е еден од најексплозивните боречки спортови.