Во финалето ќе се сретнат Сан Франциско и Канзас сити

Во Мајами, на стадионот „Хард рок“, чиј капацитет е 65.000 гледачи, во ноќта меѓу недела и понеделник по средноевропско време, во 54-от Супербоул, финале на американскиот фудбал (НФЛ), ќе се сретнат Сан Франциско и Канзас сити. Тоа ќе биде нивни прв меѓусебен меч, кој ќе се пренесува во живо во повеќе од 180 земји и на речиси 25 јазици.

Канзас сити, кој првпат игра во едно вакво финале, по 50 години, се смета за мал фаворит. Сан Франциско, пак, е петкратен победник, последен пат пред четврт век. Одбранбениот играч на Канзас сити, Патрик Махомес, минатогодишниот МВП, има шанса да им се придружи на Бен Ротлисбергер и на Том Брејди како единствен одбранбен играч освојувач на трофејот „Ломбарди“ пред 25-от роденден (на 24 години и 138 дена).
Компанијата „Фокс“ за ТВ-правата плати 1,1 милијарда долари. Огласувачите мораа да платат меѓу 5 и 5,6 милиони долари за реклама од 30 секунди, за термините што беа распродадени уште во ноември лани.

Билетите за супербоул-мечот секогаш биле скапи, а за годинашниот натпревар просечната цена е над 8.200 долари, според Тикет Икју. Најевтиниот билет (познат како „влез“) чини 4.600, но пред мечот може и да поскапи, бидејќи веќе нема.
Два клучни фактори се поврзуваат со високите цени на билетите. Прво, Канзас сити не бил во Супербоулот од 1970 година, така што неговите навивачи што ќе минат пат долг од околу 2.000 км не штедат пари за да го видат на дело. Од друга страна, пак, оние од Сан Франциско имаат повеќе приходи и може да платат поскапи билети. Најскап Супербоул е оној во 2015 година, кога просечната цена за влезница достигна 9.723 долари.

Поп-пејачката Деми Ловато ќе ја има честа да ја испее американската химна пред мечот, а на полувремето гледачите на стадионот, но и покрај ТВ-екраните, ќе ги забавуваат Џенифер Лопез и Шакира.