СВЕТСКИ КУП ВО СКИЈАЧКИ СКОКОВИ

Само три дена по неговиот триумф на 69-та новогодишна турнеја „Четири скокалници“, Полјакот Камил Стох победи и на првиот од двата натпревара од Светскиот куп (СК) во скијачки скокови во Титизе-Нојштад (Германија). Трикратниот олимписки шампион победи пред Норвежанецот Халвор Егнер Гранеруд и пред Полјакот Пјотр Жила.
Ова беше 39-от триумф за Стох во СК, кој сега е изедначен на третото место на вечната ранг-листа со својот сонародник Адам Малиш. Само Грегор Шлиренцауер (Австрија) со 53 победи и Мати Никенен (Финска) со 46 имаат повеќе триумфи во СК.
– Секако, малку сум уморен по настапот на Четирите скокалници, каде што имаше многу подеми и падови, особено емотивни. Знаев дека сум во добра форма и дека моите настапи се на високо ниво. Ментално малку сум уморен, но телото ја прави својата работа. Штета што нема никаде гледачи, затоа што многу ни недостигаат. Се надевам дека наскоро публиката ќе може да се врати и да нѐ поддржи – рече Стох, пренесе Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница.
Стох сега е трет во вкупниот пласман во СК за сезонава со 608 бода, Маркус Ајзенбихлер (Германија) е втор со 634 бода, а води Гранеруд со 848 бода. Вториот натпревар во Титизе-Нојштад требаше да се одржи синоќа.


НАЈМНОГУ ПОБЕДИ ВО СК

Грегор Шлиренцауер (Австрија) 53
Мати Никенен (Финска) 46
Камил Стох (Полска) 39
Адам Малиш (Полска) 39

Извор: ФИС