Македонскиот каратист Столе Смилковски освои сребрен медал во категоријата до 67 килограми за помлади сениори на последниот ден од Европското првенство во Тампере, Финска. Смилковски се закити со сребрен медал откако во финалето не успеа да го совлада Алтунер Јилмаз Екрем од Турција.

Македонскиот репрезентативец во првото коло го победи Шпанецот Алекс Ортиз Де Зарате со 4-1, во второто коло беше подобар од Естонецот Макар Навитск со 2-0, а во третото коло го совлада Швајцарецот Матијас Брунер со 4-2. Во четвртата рунда Смилковски го победи Азербејџанецот Хусеин Мамадли со резултат 4-1 а во полуфиналето и Русинот Егор Пулкин со 2-0.

Неколку други македонски претставници имаа добри настапи, иако не стигнаа до борбите за медали.

Магдалена Божиновска и Бериз Куртановиќ остварија по две победи и освоија седмо место во своите категории, како и машкиот ката тим во екипниот настап, додека женскиот ката тим го освои деветтото место.

Со тоа успешно заврши настапот на Европското првенство за кадети, јуниори и каратисти до 21 година, на кое македонските млади спортисти освоија четири медали, од кои еден златен, два сребрени и едно бронзено одличје.