Косовската боксерска репрезентација беше запрена на границата со Србија

Србија и Косово се судрија на ново поле откако на косовската репрезентација не ѝ беше дозволен влез во Србија каде што требаше да учествува на Светското првенство во бокс во Белград. Косовските власти побараа санкции за Србија, набргу добија поддршка и од албанската боксерска репрезентација, а по повод случајот се огласија и Меѓународната боксерска асоцијација (АИБА), Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и Европската Унија (ЕУ).

На тројца косовски боксери не им беше дозволено да влезат во Србија во саботата, во два наврата, според Олимпискиот комитет на Косово. Првиот пат биле вратени од српската граница поради косовските обележја, а подоцна повторно им бил забранет влез и по отстранувањето на обележјата. Косовските спортисти неодамна се соочија со сличен случај, кога кадетската карате-селекција минатата недела беше запрена на границата помеѓу Македонија и Грција од страна на грчките гранични служби, со што не можеше да отпатува за Кипар на Европското првенство во Лимасол.

Косовскиот премиер Албин Курти ги повика ЕУ и меѓународната заедница да го осудат потегот на Србија, бидејќи, како што истакна, таквата одлука претставува „кршење на меѓународните норми“. Тој порача дека „Србија треба да покаже сила во рингот, а не на границата“. Косовскиот министер за спорт исто така побара санкции за Србија.

Албанската боксерска репрезентација која се натпреварува на СП во Белград, се заканила дека ќе се повлече од натпреварувањето доколку Србија не му дозволи на Косово да учествува. А за таквата одлука бил информиран и албанскиот премиер Еди Рама.

АИБА преку соопштение упати повик на косовските боксери да им биде дозволено учеството на СП, додавајќи дека „светот на боксот не знае за граници“. Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, исто така го поддржа повикот на АИБА. Од друга страна ИОК смета дека АИБА била невнимателна доделувајќи ја организацијата на СП на Белград, наспроти препораките на ИОК да не го стори тоа. ИОК ја суспендира АИБА во 2019 година, поради прашања поврзани со нејзиното функционирање и финансирање, исклучувајќи ја од организацијата на олимпискиот бокс-турнир во Токио.

Апелите на меѓународните институции не помогнаа бидејќи Светското првенство во бокс почна завчера, без косовската репрезентација, а ќе трае до 6 ноември.