Три трки (во Канада, Италија и во Бразил) се избрани како потенцијални места за процена на идејата за која треба да гласаат екипите и шефовите на Формула 1, а ако тест-трките бидат успешни, идејата ќе се користи пошироко во 2022 година

Екипите и шефовите на Формула 1 треба да гласаат за планот за пократка трка во сабота, што, пак, ќе го дефинира распоредот за трката за големата награда, која треба да се одржи следниот ден, додека пак, квалификациите предвидени во сабота ќе се одржат во петок. Најдобрите осум возачи на спринт-трката ќе заработат приближно половина од бодовите доделени за гранпри-трката. Трката во спринт ќе биде долга 100 км, односно третина од должината на гранприто и ќе ги замени квалификациите, што се возат во сабота. Квалификациите за трката во спринт ќе го заменат вториот тренинг, кој е во петок. За да се има позитивен став за ова, потребни се 28 од вкупно 30 гласа. Водечкото тело ФИА и носителот на комерцијалните права на Ф1 имаат по 10, а 10-те екипи по еден глас.
– Кога ги менувавме квалификациите на секои неколку дена на почетокот на 2016 година, тоа ни ги изгоре прстите. Сега, формулата е мошне стабилна. Ние гледаме каков може да биде пристапот на т.н. спринт-трка и размислуваме дека може да се тестира можеби годинава – вели претседателот на Ф1, Стефано Доменикали.
Три трки се избрани како потенцијални места за процена годинава врз основа на тоа што треба да бидат брзи и возбудливи, а тоа се Канада, Италија и Бразил. Ако тие бидат успешни, идејата би се користела пошироко во 2022 г..
Ф1 се надева дека оваа идеја ќе го зголеми интересот кај публиката, оти петочните тренинг-сесии обично ги следат само страсните обожаватели.
Сепак, останува да се види дали тимовите ќе ја прифатат оваа идеја.