Шифрин е на прагот на „универзалниот“ клуб

Две победи во ист викенд, и тоа во брзи трки, во спуст, потоа и во супервелеслалом во Банско, Бугарија за Американката Микаела Шифрин (24), специјалистката за технички дисциплини, слалом и велеслалом. Таа е блиску до реализација на еден од нејзините соништа, во кариерата во една сезона да победи во сите пет дисциплини.
Откако победи во четири, во слалом, велеслалом, супервелеслалом и во спуст, сега ѝ недостига само триумф во комбинација (спуст и слалом заедно) со што би им се придружила на Марк Џирардели, Петра Кронбергер, Јаница Костелиќ и на Тина Мазе, кои се единствените скијачи универзалци на кои тоа им успеало во СК. За таков подвиг сезонава на Шифрин ѝ остануваат уште две трки во комбинација сезонава, на 23 февруари и на 1 март.
Шифрин, која е и двократната олимписка шампионка, во слалом и во велеслалом, ја прокнижи шестата победа сезонава, вкупно 66-та во Светскиот куп (СК), само една помалку од Австриецот Марсел Хиршер. Најуспешна кај жените е нејзината сонародничка Линдзи Вон со 82, а рекордни 86 победи во СК забележа Швеѓанецот Ингемар Стенмарк.
Шифрин води во генералниот поредок во СК со 1.225 поени, пред Федерика Брињоне со 855 и пред Петра Влхова со 830 поени, и е на добар пат за освојување на четвртиот „кристален глобус“ едноподруго наменет за најдобрата скијачка во СК. 

Олимписки парк во Рио затворен поради безбедносни проблеми

Бразилски судија нареди затворање објекти изградени за Летните олимписки игри во 2016 година во Рио де Жанеиро, поради загриженост за безбедноста, јави Би-би-си.
Градските власти не дадоа гаранции за безбедност за Олимпискиот парк за одржување јавни настани, рекол судијата.
Во 2016 година спортскиот комплекс беше домаќин на натпревари во кошарка, пливање и во тенис. Сега се користи за концерти и за други настани. Олимпискиот парк во западната населба на градот е широк комплекс, кој вклучува велодром, акватик и тениски центри, и неколку арени. Сега е јавен парк и е домаќин на настани, вклучувајќи музички фестивали и турнири во е-спортови. Федералната влада е одговорна за повеќето места, а некои ги управуваат градските власти, Олимпискиот комитет на Бразил и приватни компании. Градското собрание на Рио и сојузната влада соопштија дека ќе поднесат жалба против одлуката, јавуваат локалните медиуми, пренесе Би-би-си.